Македонија
12. јуни 2017 - 15:56

Трајановски во увид на реконструкција на улици во Стајковци

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, денеска извршија увид во градежните работи на реконструкцијата на улица број 5 во населеното место Стајковци, соопшти Град Скопје.

- Градот Скопје, со Одлука на Советот минатата година додели 150 милиони денари, или 2,5 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура во сите населени места кои претрпеа штети за време на поплавите минатиот август. Од нив 60 милиони денари се реализираат преку ЈП „Улици и патишта“, додека преостанатите средства преку Општина Гази Баба. Минатата година успеавме да асфалтираме повеќе од 50 улици, додека оваа година работиме за завршување на преостанатите. Денеска вршиме увид во градежни работи на главната улица број улица 5 во Попово маало – Стајковци, каде што во моментов се врши асфалтирање на улицата, која е со вкупна должина од 400 метри и широчина од 4 метри. Во реконструкцијата на оваа улица, покрај реконструкцијата на коловозот, извршена е и санција на постојната канализациона и водоводна мрежа, истакнал Трајановски при увидот.

За реконструкција на улица 5 и краците на оваа улица, Градот Скопје издвои милион денари.

Покрај улицата број 5, изминатиов месец целосно се реконструирани уште 3 улици во Стајковци, а годинава беа реконструирани и поголем број улици во Инџиково, како и дел од улицата Алија Авдовиќ.