Свет
22. March 2017 - 19:44

Трагичен биланс: Четворица мртви и 20 повредени во терористичкиот напад во Лондон

Во серијата инциденти во околината на Британскиот парламент, оквалификувани како терористички напад, загинаа четири, а повредени се 20 лица.  Меѓу загинатите се напаѓачот и еден полицаец, јави „Гардијан“.

Напаѓачот прво со автомобил се втурнал во група пешаци на мостот што води до Парламентот, а потоа со нож прободел полицаец пред Вестминистер. Напаѓачот потоа бил застрелан од полицијата.  Лекар, од болницата Свети Томас изјави дека голем број лица се повредени, од кои некои се со „катастрофални“ последици, јави Би-Би-Си.

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе претседава на состанокот на владиниот Комитет за вонредни ситуации (ЦОБРА), што се одржува по нападот во Лондон. 

За случувањата во Лондон е информиран и американскиот претседател Доналд Трамп, а Стејт департментот соошти дека исто така ја следи ситуацијата и се обидува да открие дали меѓу повредените има американски туристи. Францускиот премиер Бернар Казнев соопшти дека меѓу повредените има тројца француски ученици.

Зградата на Парламентот веднаш по нападот е заклучена од сите страни, а министрите се ставени на посебно безбедно место. Никој не може да влезе, ниту да излезе од Парламентот, кој денеска е полн со пратеници, владини министри и администрација на владата, затоа што во среда редовно се одржува парламентарна дебата во Долниот дом.

Никој засега не знае кој стои зад овој напад во Лондон, кој доаѓа по подолго време на релативна безбедност на улиците, а посебно на британските јавни институции.

Последен поголем терорисички напад се случи на 7 и на 23 јули 2005 година, кога беа убиени 52 лица, но се верува дека денешниот инцидент нема да има ни приближно вакви размери.