Македонија
19. October 2018 - 16:12

Трагедија во Крива Паланка: Изгоре маж во пожар

Педесет и осумгодишен маж изгоре во пожар кој избувнал утринава во куќа во кривопаланечкото село Узем.

Според информациите до Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, дојавата е примена во седум часот и петнаесет минути, а пожарот е пријавен од страна на екипа на гранична полиција.

– Дојавата ја примивме во 7 часот и 15 минути, за пожар во куќа во село Узем, маала Штицарци. Веднаш излеговме на терен со едно теренско возило и тројца пожарникари, по што е побарана помош од уште едно возило, кое околу 7.50 минути било на лице место. Во 8 часот и 50 минути излезе уште едно возило со двајца пожарникари. Куќата беше опожарена во пределот на собата и дел од ходникот, опфатени беа и прозорците, а кровната конструкција не е зафатена. Покуќнината е целосно изгорена, а при гасење на пожарот во внатрешноста на собата пронајдено е гламјосано – јагленисано тело на човек кое се наоѓаше помеѓу креветот и шпоретот. Веднаш е пријавено во полиција, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка. 

Во интервенцијата учествувале вкупно петмина пожарникари со три возила, кои го локализирале пожарот во 8 часот и 50 минути, а во десет часот целосно го изгаснале.

По обемот на настанатата штета и јагленисаното тело кое го пронашле пожарникарите, се претпоставува дека најверојатно избувнал одреден период пред дојавата. 

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, утринава било пријавено дека настанал пожар во Кривопаланечкото село Узем.

– Во пожарот починал 58-годишниот Љ.С. Извршен е увид и се работи на утврдување на причините за избувнување на пожарот, информира Лиза Бендевска, портпарол на МВР.

Ова е петта интервенција на ТППЕ, Крива Паланка, месецов, а е најтежок, најголем пожар годинава, бидејќи има жртва.