Македонија
12. January 2018 - 10:47

Трагедија во Гостивар

Шеесет и седумгодишен градежен работник М.К. од Гостивар вчера загинал во несреќен случај кога негов колега движејќи се наназад со товарно возило „мерцедес“ без да го забележи го удрил со задниот дел од приколката.

Работникот паднал на земја од ударот, а потоа бил прегазен со задните тркала во пределот на нозете, по што починал, соопшти МВР.

Лекар од Итна медицинска помош Гостивар констатирал смрт. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Гостивар, во присуство на инспектор од трудова испекција. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

Двајцата работници биле од иста фирма од Гостивар која изведувала градежни работи за изградба на термоцентрала.

Несреќата се случила вчера околу 10 часот на локалниот пат за гостиварското село Падалиште, на околу еден километар од железничкиот надвозник.