Свет
16. January 2017 - 8:32

Трагедија: Се урна авион врз станбен блок, над 30 загинати

Во непосредна близина на аеродромот Манас во Киргистан денеска се урна турски товарен авион, а во несреќата загинаа најмалку 32 лица, пренесе ТАСС, повикувајќи се на киргистанските власти.

Повеќето од жртвите, меѓу кои има и шест деца, биле жители на населеното место врз кое паднал авионот „Боинг 747“.

Аеродромските власти соопштија дека авионот летал од Хонг Конг за Истанбул, а на меѓународниот аеродром Манас требало да има привремено слетување, но се урнал додека се обидувал да се приземји во услови на густа магла, забележуваат британските медиуми.

Заради несреќата аеродромот Манас е затворен.

Министерството за вонредни ситуации соопшти дека во несреќата биле разурнати 15 куќи.

Според информации на агенцијата Анадолија, урнатиот авион припаѓал на турската авиокомпанија „Мај карго ерлајнс“, позната, исто така, и како „Еј-Си-Ти Ерлајнс“, посочува ТАСС.