Свет
2. July 2016 - 11:19

Трагедија: Почина најпознатиот современ поет

Ив Бонфоа, најпознатиот современ француски поет, уметнички критичар и преведувач, почина вчера на 93-годишна  возраст, објави весникот „Ле Монд“, а пренесува дописникот на МИА од Париз.

Ив Бонфоа  е автор е на повеќе од 100 книги, преведени на триесет јазици, а неколку пати беше предлаган и за Нобеловата награда за литература. Тој беше лауреат на Големата награда за поезија во 1981 на Француската академија, на наградата Гонкур за поезија во 1987 година, а во 1999 година го доби и Златниот венец на поезијата на Струшките вечери на поезијата,

Ив Бонфоа  е роден во Tур на  24 Јуни 1923 како син на монтер во француската железница и на учителка. Од 1943 година, по студиите по математика, студирал историја на филозофијата и науката во Париз, предводен од Гастон Башлар и Жан Хиполит. Тој едно време се приклучил кон  надреализмот, но го критикува автоматското пишување кое според него се оддалечува од реалноста за да изгради затворен свет на знаци и слики.

Неговата репутација почнува на 30-годишна возраст со објавување на „Движење и спокојот на среќата“, збирка на новели против тогашните литературни текови, обележана со внатрешната потрага која уште тогаш го  вброи меѓу најголемите француски поети. Оваа збирка, поздравена од критичарите, е издадена кај Мерку де Франс, еден од неговите историски издавачи.

Бонфоа потоа ја издава „Вчера владееше пустината“ (1958), „Пјер напишан“ (1965), „Во светлината на небото“ (1975) „ Тоа што беше без светлина“ (1987), „Номадски живот“ (1993) „Уште слепи“ (1997) „Кривите на форми“ (задолжително четиво за матурската програмата во раните 2000-ти).

И покрај возраста тој беше многу активен, па годинава објави две книги „Црвениот шал“ (поезија) и есејот „Поезијата или Гноза“.

Неговата поезија, сериозна и дарежлива, внимателна на звуците, ја има поддршката од критичарите и лојалните читатели, привлечени од вкусот на "чувствителноста" и одбивањето на "поимот" или "апстрактноста". Метален поглед, моќна и избраздена маска под белата коса, Ив Бонфуа, исто така, во своите книги ја анализира поезијата на другите (Нашата потреба за Рембо), италијанската уметност (Сонот од Мантуа, Рим 1630) или сликарството (Џакомети, црните слики на Гоја).

Тој е исто така преведувач на повеќето од драмите на Шекспир (преводи со исклучително светли воведи), но, исто така, и на Јејтс, Петрарка или Јоргос Сеферис, кој му беше пријател.