Свет
6. August 2018 - 16:30

Трагале по исчезнато дете, а пронашле 11 деца под земја: Децата живееле во нечовечки услови, без храна, вода и струја

Во еден магацин во американската сојузна држава Ново Мексико пронајдени се 11 изгладенети деца на возраст од година дена до 15 години. Децата се држени во ужасни услови, под стража од вооружени мажи, соопшти полицијата.

„Полицаец сум 30 години, но вакво нешто не сум видел. Тоа е неверојатно“, рече шерифот Џери Хогрефе.

„Беа толку слаби што им се гледаа ребрата, беа валкани и исплашени. Во зафрленото скривалиште немаше ниту струја ниту вода, а единствена храна им беа неколку компири и кутија ориз“, изјави шерифот.

Додаде дека децата биле боси и облечени во партали. Полицијата тргна во акција откако доби порака „Умираме од глад, ни треба вода и храна“. Извршен е претрес кога се пронајдени децата во ужасна состојба, а двајца мажи се уапсени.

Полицијата ја спроведе оваа операција во склоп на потрагата по тригодишно дете кое исчезнало пред неколку месеци. Потрагата почнала минатата година во Џоунсборо во Џорџија кога Сирај Вахај (39) е обвинет дека го грабнал своето дете (кое никогаш не е пронајдено).

Шерифот издал налог за претрес на „бараките опкружени со автомобилски гуми и земјен ѕид“ во селската општина Амалија, зошто мислеле дека тука се кријат Вахај и уште еден маж - Лукас Мортен.

Утрото на 3. август десетина полицајци тргнале во акција и ја открија „камп-куќичката, вкопана во земја, покриена со пластика, без вода, канализација и струја“ и двајца мажи вооружени со јуришна пушка АР-15 и четири пиштоли. Тие се уапсени, како и трите жени за кои се сомнева дека се мајки на децата.