Македонија
8. January 2019 - 12:31

Традиционална божиќна средба на дебарските верски старешини

Дебар бил, е и ќе продолжи да биде пример на верска толеранција и соживот, порачаа старешините на двете верски заедници во Дебар на денешната традицонална божиќна средба.

Во седиштето на дебарската парохија, во црквата „Света Петка“, на намесникот Миле Ангеловски гости му беа претставници на муфтиството, предводени од муфтијата Хаџи Рамазан Ефенди Хаса, кој од свое и од името на исламските верници посака среќен празник, мир, благосостојба, меѓусебно почитување и разбирање.

-Целта на празниците е преку нив да се постигне семејна благосостојба, мир и спокој во општеството и соживот меѓу луѓето. Нашиот пример сакаме да го следат сите, зашто само доколку се почитуваме можеме да живееме заедно. Токму верските празници ја испраќаат оваа порака, како нивно најсилно мото, луѓето да се сакаат меѓу себе, да се почитуваат и да живеат среќно. Верските празници секогаш повикуваат да се искоренат неправдата, насилството, омразата и непочитувањето, рече Ефенди Хаса.

Тој посочи дека додека е жив ќе ја продолжи традицијата и оти на тоа ги учи и имамите и верниците.

Намесникот на Дебарската парохија Ангеловски, се заблагодари на посетата и искрените честитки, нагласувајќи дека меѓусебното почитување кое владее меѓу верниците се потврдило и за овој празник.

-Ние како старешини секогаш ќе настојуваме таа традиција да не запре, туку како и до сега да се негува како светост. Дебар е пример за сите како може заедно да се живее и почитува, рече Ангеловски, честитајќи го Божик на сите православни верници.

И двајцата посакаа дебарскиот соживот и почитување да бидат пример за сите граѓани во Македонија и пошироко во светот.

Традицијата ја продолжуваат и верниците, како во Дебар така и во подрачјето на Река. Соседи, колеги и пријатели од исламска веросиповед ги посетуваат православните домови за на домаќините да им го честитаат празникот.