Тошковски: Полицијата прибира докази за пожарот во „Пулс“
Јавното обвинителство сослушува осомничени и сведоци, а полицијата прибира докази. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека е во тек истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а работа на полицијата е да постапува по барањата на обвинителите што го истражуваат случајот.
„Во рамки на истрагата се преземаат насоки по дадени напатствија од страна на Јавното обвинителство (ЈО). Колку што сум запознаен, од страна на ЈО се сослушуваат одреден број сведоци кои што се поврзани со кривично-правниот настан. Истрагата се уште трае, се собираат докази, се постапува по насоки на Јавното обвинителство“, изјави Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи.
Од Јавното обвинителство, неделава информираа дека се сослушуваат осомничените. Дел одат на распит во Скопје, дел во кочанското обвинителство. Паралелно се повикуваат и сведоците, вкупно 300, а во тек се вештачења и на одземени компјутери, мобилни телефони, документација.
Според првиот човек на обвинителството, истрагата ќе заврши во три месечниот законски рок и во средината на јуни ќе биде готово обвинението кое ќе прецизира колкумина и за кои кривични дела ќе бидат гонети.
Опозициската СДСМ, денеска повторно ја повика владејачката партија да го поддржи законот за настраданите во Кочани кој предвидува финансиски надоместок за семејствата на загинатите и поддршка за повредните. Предлгаат тој да важи и за семејствата од трагедиите во Ласкарци и Беса Транс. Велат, законот предложен од СДСМ е чин на човечност, солидарност и грижа.
„Ова се издражни законски решенија. Не за политички поени туку за поддршка на оние на кои им е потребна. Ги повикуваме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги преиспитаат своите ставови, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за овој закон кој ја потврдува најважната вредност – дека сме луѓе и дека може заедно да направиме нешто кога е најтешко“, велат од СДСМ.
Реагираа од владејачката партија, велат лицемерноста на СДС ги поминува сите граници. Не биле загрижени за граѓаните, туку ги интересирал само нивниот политички ќар.
Претходно, од партијата најавија дека нема да го поддржат законот на СДСМ, но, ќе ги дуплирале средствата за проекти во Кочани, градот ќе добиел две нови фабрики со 1.000 вработувања, а ќе продолжеле и со покривање на трошоците за лекување на повредените.
„Срамно е во вакви тешки моменти за сите граѓани, баш тие, СДС и Филипче, кои молчеа и се криеја за Модуларна болница, за Ласкарци, за Беса транс, за Онкологија, за неуспешноста со справувањето со КОВИД кризата, денес да зборуваат за морал и правда. Упатуваме порака до СДС – Правда ќе има, одговорност ќе има! Само што овој пат, правдата нема да е кабелот, ниту пајакот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За трагедијата во Кочани под истрага за тешки дела против општата безбедност се неколкумина поранешни министри, градоначалници и директори на институции кои имале надлежност за работатата на „Пулс“.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар