Македонија
10. November 2021 - 13:12

Тони Коњановски ја презеде функцијата градоначалник на Битола

Новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски ја презеде функцијата прв човек на градот од досегашната градоначалничка Наташа Петровска.

Петровска изјави дека на последниот ден од нејзиниот мандат, на наследникот му остава финансиски стабилна Општина, со изработени проекти за реализација.

-Во изминатите четири години како градоначалник покажав дека може да се водат здрави политики и покрај тоа што почнавме со Општина којашто беше во исклучително тешка финансиска состојба. Во моментов имаме буџетски стабилна Општина со над 4,2 милиони евра, а во периодот што следува во Општина Битола ќе има влез на дополнителни 2 милиони евра кои се обезбедени со чесно и домаќинско работење. Му честитам на Коњановски за изборот и му посакувам успех, а воедно се заблагодарувам на граѓаните, соработниците и семејството кое ме поддржуваше во мојата работа. Од оваа позиција како досегашен градоначалник излегувам многу побогата со пријатели и со искуство со кое стојам на располагање во интерес на граѓаните на Општина Битола, но и во интерес на извршувањето на функцијата на градоначалникот Коњановски, затоа што овде сме и постоиме само за инетересот на нашите граѓани, истакна Петровска.

Новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски посочи дека неговата основна намера е градот да биде посреќно место за живеење и да се врати насмевката кај битолчани.

-На вработените во локалната самоуправа им ветувам многу работа, без делби и без фаворизирање, затоа што таков е мојот карактер како личност. Ќе ја користам поддршката на секој што е стручен и што сака да работи за да направиме многу за граѓаните. Со мојот тим и во соработка со вработените сакам градот да биде подобар, секој да може да остави камче плус во мозаикот бидејќи граѓаните тоа од нас го очекуваат. Битола сакам да ја направиме посреќно место за живеење и да им ја вратиме насмевката на битолчани, нагласи Коњановски.

Наскоро се очекува во Битола да биде конституиран и новиот општински Совет.