Свет
27. April 2017 - 14:21

Тони Блер: Идниот премиер на Британија ќе биде Тереза Меј

Поранешниот британски премиер и сега лидер на опозициската Лабуристичка партија Тони Блер изјави денеска дека лидерот на конзервативците Тереза Меј ќе биде премиер на Британија по предвремените парламентарни избори на 8 јуни.

Во интервју за телевизија Скај, Блер вели дека тој, секако, ќе гласа за лабуристите, како што тоа го прави секогаш, но дека „рака на срце“ не може да рече оти сегашниот лабуристички лидер Џереми Корбин е вистинската личност за да ја предводи Велика Британија.

Блер смета дека сегашниот лабуристички лидер придонесува за намалувањето на шансите на партијата поради својата непопуларнист во јавноста, односот кон референдумот за ЕУ и Брегзит и поради постојаните лидерски битки на лабуристите. Поранешниот лидер, затоа, сугерира дека партијата сега мора да определи посебна стратегија за гласачите, на кои ќе им се укажува дека силната опозиција е значајна за демократијата на земјата.

Според него, конзервативците одбраа да се презентираат себе си пред изборите, како единствената партија која, во времето на Брегзит, ги застапува државните интереси.

-Она што сега е важно, тоа е на Меј да не и се даде „бланко чек“ за Брегзит и за преговорите што треба да се водат со ЕУ, истакна Блер.

Тој е категоричен дека би било мошне тешко за земјата да се напушти заедничкиот пазар на ЕУ, инсистирајќи дека е штетно за домашната економија- да се форсира договор за слободна трговија со ЕУ, наместо задржувањето на сегашниот, слободен пристап на единствениот европски пазар.

„Како премиер и главен преговарач, Меј не би смеела да го стави на преговарачката маса прашањето за единствениот пазар, вели поранешниот британски премиер.

Овие денови, пред 20 години, тогаш младиот и малку познат политичир и лабуристички лидер извојува уверлива победа на конзервативците и нивниот лидер и премиер Џон Мејџор, кои управуваа со земјата 18 години.

Блер мина десет години  во Даунинг стрит 10, како единствениот лабуристички лидер кој трипати, едно по друго, бил победник на изборите.

Неговата изјава за Меј како сигурен победник, доаѓа откако лондонскиот таблоид „Метро“, кој им е наклонет на ториевците, објави дека Тереза Меј е најпопуларниот политички лидер во последните 40 години, пред Блер и Маргарет Тачер.

Овој весник тврди дека за сегашниот ториевски лидер се определени 61 отсто од британските гласачи.

Некои лабуристички политичари го обвинуваат Блер дека „навива“ за победа на другите партии, за во идниот Парламент да има повеќе пратеници кои се про-ЕУ определени.

- Тоа не е точно. Не велам да се гласа против лабуристите, туку само укажувам дека ако им се верува на анкетите, тогаш се знае кој ќе биде премиер на 9 јуни, изјави за Скај Тони Блер.