Македонија
16. January 2019 - 19:20

Томсон: Македонија е важан сојузник на САД, без коментар на пропагандата на Путин

Македонија е важен сојузник на САД и оваа администрација продолжува со поддршката за влез на земјата во НАТО и имплементација на Преспанскиот договор со Грција. Очекуваме и Атина да го исполни својот дел од договорот, изјави за МИА Андреа Томсон, заменик  државен секретар за контрола на вооружување и меѓународна безбедност.

На прашањето на МИА за ставот на американската Влада за ставот на рускиот претседател Владимир Путин дека Преспанскиот договор е постигнат под надворешен притисок и дека Македонија со сила сака да се внесе во НАТО, но и дека политиката на САД го дестабилизира Балканот,  таа одговори: „Немам коментар на ставот на рускиот претседател, бидејќи тоа е политичка пропаганда неповрзана со стабилноста и безбедноста на Балканот.“

Пред да стане заменик државен секретар за контрола на вооружување и меѓународна безбедност, Томсон беше советник за национална безбедност на потпретседателот Мајк Пенс.

-Во ова својство имав можност да го посетам Балканот во текот на турнејата на поптретседателот  Пенс на регионот и сакам да истакнам дека Македонија е важен сојузник на САД. Оваа администрација продолжува со поддршката за влез на земјата во НАТО со имплементација на Преспанскиот договор со Грција. Очекуваме и Грција да го исполни својот дел од договорот, изјави Томсон за МИА.

Таа денес е во Брисел каде со сојузниците од НАТО дискутира за прекршување на договорот за ликвидација на ракетите со мал и среден дострел од страна на Русија.