Македонија
1. August 2019 - 16:33

Томор Морина засега останува во притвор во Скопје

Томор Морина останува во притвор во Македонија. И покрај најавите дека денеска ќе биде пуштен да се брани од слобода, судската процедура засега го држи поранешниот припадник на УЧК зад решетки.

Ваквата информација за Сител ја потврдија од кривичниот Суд, кој е надлежен да постапува по поднесеното барање од одбраната на Морина.

“Точно е дека Судот прими барање од адвокатскиот тим на Томор Морина за негово ослободување. Процедурата наложува барањето да биде препратено до Обвинителството кое ќе одлучува по ова барање, но тоа нема да се случи денеска”, информираат од Кривичниот суд.

Томор Морина беше уапсен минатата недела, на граничниот премин Блаце, по распишана потерница од Интерпол. Властите во Србија најавија дека ќе побараат негова екстрадиција, бидејќи го сомничат за злосторства врз цивили на Косово во 1999-та година.

Од Министерството за правда велат дека барањето за екстрадиција се уште не е стигнато, а кога ќе го добијат, ведаш ќе го препратат до македонските судови кои треба да одлучат по него. Велат дека тој има двојно државјанство - британско и косовски и дека тие за апсењето ги известиле двете амбасади.

Додека Правда чека формално барање, првиот интегративец Османи деновиве јавно излезе со повик Морина да биде ослободен. Тој вчера беше и во посета на пртивореникот.

Барањето кореспондира и со ставот на косовските власти. Тие инсистираат Морина да не биде предаден на Белград.

“Да бидам јасен: Не постои шанса поранешниот борец за слобода Томор Морина да биде екстрадиран во Србија. Ние имаме блиска соработка со властите во Северна Македонија преку дипломатски и институционални канали, со цел постапката да се спроведе побрзо и Томор да се врати кај своето семејство”, напиша Јетлир Зиберај, советник на шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли.

Адвокатскиот тим на Морина деновиве излезе со барање наместо притвор, да му бидат определени мерки на претпазливост.

Морина е поранешен војник на Ослободителната војска на Косово, а во тамошната јавност има статус на борец за слобода. Веста за неговото притворање предизвика бројни реакции во Косово. Во Ѓаковица беше одржан протест за негово итно ослободување, а вакви барања упатија и шефот на косовската дипломатија и косовскиот амбасадор во Скопје.