Македонија
29. October 2015 - 15:16

Толковниот речник на македонскиот јазик презентиран во библиотеката „Браќа Миладиновци“

„Толковниот речник на македонскиот јазик“, проект од највисок национален интерес за македонскиот јазик, чиј издавач е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска беше презентиран во спомен-собата на Миладиновци во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. 

- Посебно е значаен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ затоа што во него се вградени основните зборови, а тоа се околу стотина илјади заглавни единици со свои објаснувања односно толкувања на македонски јазик, што значи дека презентираме цело богатство на македонскиот јазик објаснето со наши зборови, рече промоторот проф.д-р Веселинка Лабровска. 

Посочи дека сите што се вработени во Институтот се горди што се заокружил проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“, а најголема заслуга има главната редакторка проф.д-р Снежана Велковска како раководител на проектот и главниот редактор на речникот проф.д-р Кирил Конески. 

- Во реализацијата на речникот беа вклучени повеќе научни работници не само од Институтот за македонски јазик, туку и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и од Педагошкиот факултет. Завршувањето на проектот беше крунисано и со доделување на наградата „Гоце Делчев“ за 2015 година, додаде Лабровска.

Промоторот проф.д-р Лилјана Макаријоска истакна дека поминало подолго време од излегувањето на тритомниот речник на македонскиот јазик со српско-хрватски толкувања, а македонската јавност очекувала издание осовременето, дополнето со нови зборови, со упатувања за тоа кои зборови веќе се излезени од употреба односно се сметаат за архаични наспроти зборови, нови термини од различни области, како на пример од општествено-политичкиот живот, од областа на информатиката и многу други,

- Така што насушна беше потребата да биде објавен овој капитален лексикографски труд на Институтот за македонски јазик во кој е вложен макотрпниот труд на повеќе генерации истражувачи кои вложуваа лексички единици во картотечниот фонд најпрво, а потоа и во обработката на материјалот, рече Макаријоска.

Овој речник, посочи, би требало да биде основно помагало на сите универзитети, за сите лектори, и секако за повеќе библиотеки во странство.

- Би требало да го користат и нашите иселеници во кој би можеле да добијат помагало за сето она што ги интересира со врска со лексиката на македонскиот јазик, додаде Макаријоска.