Македонија
11. јуни 2016 - 16:57

Тодоров за Прес24: Сликата за македонското здравство е комплетно променета

Во 2004 година во Македонија имало само еден апарат за комјутерска томографија. Денеска има 18 вакви апарати во цела држава. Пред една деценија  биле доделувани по едвај 30 специјализации на лекари годишно,за разлика од 2016 кога таа бројка ќе биде над 300. Над 55 проценти од опремата која ја имаат здравствените установи е набавена во периодот од 2011 досега. Ова е само сегмент од инвестицискиот бум кој покажува дека темелно е променета сликата за здравствениот систем во Македонија од аспект на опременост, кадровски потенцијал и организираност, вели министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Прес24.

-Фактот дека отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед говори дека сликата за здравствениот систем е сериозно променета на подобро, вели Тодоров во интервјуто.

Системот Мој Термин е еден од темелите на реформите во здравството а во министерството  овој период се фокусирани и на унапредување на работата на шалтерите во јавните здравствени установи. За Тодоров, огромен успех е и едукацијата на кадарот во реномирани странски болници. Над 2200 медицински работници биле на доусовршување на знаењето од кои 70 проценти веќе вовеле нови методи во установите каде работат. Она што според министерот ја зголемува довербата во здравствениот систем е е враќањето на лекари од приватното во јавното здравство.

-За првпат во историјата на здравствениот систем имаме обратен процес, односно процес на враќање на доктори специјалисти од приватно во јавно здравство. Верувам дека има повеќе причини за тоа. Докторите сакаат да се доусовршуваат и едуцираат, а кога работат во јавно здравство имаат можност бесплатно да се едуцираат во реномирани странски медицински центри, за разлика од порано кога за тоа молеле за донации кај фармацевтските компании...., вели Тодоров во интервјуто за Прес24.

Во секторот со кој раководи, Тодоров вели дека  реализирале инвестиции што ги немало во историјата на македонското здравство. Државната кардиохирургија која работи со полн капацитет, интервентната кардиологија и поливалентните вакцини се само дел од тој процес.