Македонија
30. јуни 2016 - 15:26

Тодоров: Наскоро тендер за нов ургентен центар во Куманово

Се очекува многу скоро да биде распишан тендер за изградба на нов Ургентен центар во Куманово, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров одговарајќи на прашање на пратеникот Зоран Георгиевски.

- Очекуваме многу скоро да одиме со тендер за изградба на нов Ургентен центар во Куманово. Излезе повеќе од тоа што првично планиравме, но идејата е во Куманово да бидат обединети и интернистичките и хируршките ургентни амбуланти. Таму да биде трансфериран и апаратот за компјутерска томографија, рече Тодоров. 

Оваа, како што кажа, крупна инвестиција ќе чини некаде околу четириесет милиони денари. - Тоа значи повеќе од она што првично планиравме да инвестираме за да се овозможат што е можно подобри услови за функционирање на овој ургентен центар, рече министерот.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски одговарајќи на прашање на пратеникот Георгиевски, во врска со намалување на невработеноста во Куманово и изградба на ТИРЗ, информираше дека веќе е почнато урбанистичко планирање за нова ТИРЗ зона во Куманово, која се очекува да биде готова следната година.

- Веќе е направено снимање. Започна процедурата, ажурираната подлога веќе е при крај. Катастар тоа веќе го работи. Помина заклучок на Влада, влезе во годишната програма за изработка на планови, рече Мисајловски.

Во втората фаза која следи треба да се потпише протоколот за Агенција за просторно планирање да го изработи.

- Очекувам следната година да имаме комплетно целосно урбанизирана зона каде што ќе може да доаѓаат инвеститори во иднина, рече Мисајловски.  

Премиерот Емил Димитриев одговараше на прашање на пратеничката Роза Топузова Каревска во врска со бројот на млади кои се иселиле од земјава во изминативе години. 

- Она што Владата го прави за да го запре иселувањето на младите од земјата, и мислам дека е најголем дел од решението да се запре оваа стапка, е отворање нови работни места, инвестирање во инфраструктурата која што го подобрува квалитетот на живеење и други инвестиции во различни области коишто во суштина имаат еден заеднички именител да ја направиме Република Македонија поквалитетно место за живеење, рече Димитриев. 

Тој, како што кажа, потполно се согласува дека оваа појава треба да е и е приоритет на секоја влада бидејќи никој не ја посакува освен оној дел кај што младите одат заради сопствени потреби – едукација или надградување на сопствените знаења. - Меѓутоа во делот на барањето на институционални решенија се согласувам дека како држава имаме апсолутна обврска да направиме максимум да ги задржиме луѓето во сопствената татковина, рече Димитриев.

Седницата ќе продолжи по редовната попладневна пауза.