Македонија
23. October 2018 - 18:46

Тодоров: Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО

Поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров денеска на својот фб профил изрази разочараност, но како што вели, не од одлуката на ИК на партијата да започне процедура за негово исклучување, туку од нејзиното трансформирање во антизападна и антимакедонска фракција.

– Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во антизападна, анти ЕУ и анти НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција, пишува Тодоров на неговиот фејсбук-профил.

Во написот со кој им се обраќа на членовите и симпатизерите на партијата, посочува дека ВМРО преживеала и поминала многу и оти, како што вели, „ќе ги преживее и нив“.

– Мојата ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана партија. ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна политичка партија. И јас сум се уште со срцето и душата во ВМРО-ДПМНЕ и никој, никој не може да ме исклучи од мојата партија. Семејството, државата и партијата ми се најважните, вели Тодоров во фејсбук-статусот.