Македонија
9. September 2019 - 16:15

Тодоров: Договор за Гоце Делчев само ако има заедничко чествување

Градењето на добрососедски односи не се постигнува со инстант решенија, порачува членот на македонската историска комисија Петар Тодоров, во пресрет на новата рунда разговори со бугарските колеги.

Покрај дискусијата за корекција во учебниците за шестто одделение во бугарскиот образовен систем и за седмо одделение во македонскиот, во Софија оваа недела ќе се разговара и за најспорната точка – евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

Без да навлезе во прогнизирање на исходот од претстојната средба, Тодоров категоричен дека секакво одредување на рокови од политичарите ќе биде контрапродуктивно.

Тодоров дециден дека за постигнување на договор за спорните точки потребна е искреност, но и макотрпна работа од двете страни. Во спротивно, донесените решенија може да бидат спротивни на духот на Договорот за добрососедство.

Решение за Гоце Делчев може да има, само ако се најде основ за заедничко чествување.

Историјата преку заедничка комисија ја прецизираат и македонските и грчките историчари. И покрај рокот што беше предвиден во Договорот од Преспа, учебната година почна со старите учебници по историја и географија.

Од нив треба да се отстранат сите формулации што содржат иредентистички или ревизионистички елементи. Според шефот на македонската интердисциплинарна комисија, станува збор за огромен материјал.

14-те досегашни средби не биле доволни да се спроведе членот 8 од преспанскиот Договор, а по последната беше соопштено дека тоа треба да се стори во најкус можен рок.

Дали се спроведува Договорот будно следи грчката страна. Иако новата влада го смета за “национално штетен”, премиерот Мицотакис во неколку наврати најави строга контрола на процесот на негово спроведување.