Ф1
2. August 2018 - 15:44

Тод за Шумахер: Време е да го оставиме на мир...

Претседателот на Светската автомобилистичка федерација (ФИА), Жан Тод често оди во посета на поранешниот Формула 1 шампион Михаел Шумахер, но она што го пренесе во јавноста не звучи оптимистички.

За Шумахер многу малку се знае, откако доживеа несреќа при скијање во Франција во 2014-та и се здоби со тешки повреди на мозокот, поради кои шест месеци помина во вештачки предизвикана кома.

Јавноста од тогаш преку портпаролот на семејството Сабине Кем добива многу ретки информации за поранешниот Формула 1 шампион.

Вистинската состојба на нештата, за тоа дали Шуми навистина е само „растение“ кое не може да зборува и да се движи и има нешто повеќе од 40 килограми, како што беше шпекулирано во последните неколку години, ги знае само неговото семејство и најблиските пријатели кои го посетуваат.

Меѓу нив е Жан Тод, претседател на ФИА и поранешен шеф на Михаел во Ферари.

- Михаел е опкружен од страна на членовите на семејството, и јас сум навистина привилегиран и среќен да имам можност често да го гледам, изјави Тод во интервју за весникот „Ла Насион“.

И тогаш кажа реченица за седумкратниот шампион која не влева оптимизам.

- Неговото здравје е негова приватна работа и мислам дека е време да го оставиме Михаел да го помине животот во мир, додаде Тод.

Во меѓувреме, додека јавноста сѐ уште чека „трошки“ за состојбата на големиот ас, династијата Шумахер продолжува да запишува успеси на тркачката патека.

Синот на Мајкл, Мик минатата недела ја постигна првата победа во натпревар во Формула 3 откако триумфираше во Спа - истата онаа патека, на која неговиот татко во 1991 година го направи своето деби во Формула 1, а една година подоцна ја постигна првата победа во кариерата во Ф1.