Живот
8. October 2018 - 11:38

Тоа од што се плашите, го открива вашиот карактер: Соочете се со стравовите и дознајте што значат

Психологијата открива многу подлабоки слоеви кое се кријат под основниот страв од најобични нешта.

Откријте нешто повеќе за вашиот страв и неговата симболика:

Стравот од кловнови значи дека ви е важно почитувањето

Дали посетувањето на култниот филм IT работен според истоименото дело на Стивен Кинг ти создава мачнини? Без грижа, секој десетти човек признава дека се плаши од кловнови.

Кловновите се превртливи и постојано изведуваат различни трикови, а нивните маски им овозможуваат да ги избегнат утврдените правила на примерно општествено однесување.

Истражувањата покажале дека кловновите предизвикуваат страв кај децата, затоа што на нивното лице не може да се препознае ниту еден познат израз, им делуваат целосно непристапно и повеќе ги поврзуваат со фантазијата, отколку со луѓето кои носат обични маски.

Читањето на изразот на лицето отсекогаш било клучен елемент за преживување, а нашата немоќ да го процениме чувствата и намерите на кловнот, бидејќи лицето му е покриено со дебела шминка или непрепознатлива маска, ни предизвикува сомнеж.

Луѓето кои се плашат од кловнови се гордеат со својата смисла за правда и вечната потрага по вистината. Тие се искрени, директни, стојат зад своите ставови.

Но, често пати се покажало дека овие луѓе премногу се потпираат на логиката, што од социјален аспект може да ги доведе во непријатни ситуации, бидејќи најголемиот дел од луѓето се водат според чувствата, а не согласно логиката.

Стравот од крв значи дека сте мирни и стабилни

Хемофобијата е страв од крв и повеќе се јавува кај мажите, отколку кај жените. Луѓето коишто страдаат од хемофобија штом забележат и капка крв почнуваат да чувствуваат паника за сопствениот живот, проследена со забрзано срцебиење и висок притисок.

Дали ви се случило да се онесвестите додека ви вадат крв? Онесвестувањето е всушност примитивен рефлекс длабоко закопан во нашиот мозок. Кога очите ќе забележат крв, тие му праќаат порака на мозокот дека нешто не е во ред со телото.

Луѓето кои се плашат од крв имаат силни инстинкти на самозаштита и во групата се истакнуваат како најсмирени и најстабилни. Тие се најчесто гласот на разумот. Многу се грижат за себеси, за своето здравје и надворешниот изглед, и ќе ги забележите по тоа што се секогаш во најдобро можно издание.

Стравот од змии значи дека се грижите за другите луѓе

Присутен кај огромен дел од популацијата, стравот од змии открива дека луѓето се плашат од овие опасни влекачи, бидејќи во минатото им биле плен на предаторите.

Луѓето кои имаат изразен страв од змии најчесто се ориентирани кон своите најблиски и сакаат да им обезбедат сигурност и удобен живот. Истовремено, кога се впуштаат во дискусии, не дозволуваат туѓите аргументи да бидат посилни од нивните.

Стравот од пајаци симболизира дека сте родени лидери

Дури 32% од женската и 18% од машката популација имаат страв од пајаци. Овој страв претставува генетски вродена желба за преживување.

Арахнофобијата карактеризира екстремен, нелогичен, необјаснив и паничен страв од овие инсекти, па дури и од самата помисла на нив.

Потсвеста укажува на вродена склоност да се грижите и да го осигурате сопствениот опстанок и оној на своите најблиски. Чувствителноста и сигурноста се вашите најсилни страни.

Стравот од јавен настап значи дека сте перфекционист
Најголемиот дел од луѓето кои се соочуваат со овој страв имаат ниско ниво на самодоверба, очекуваат совршенство во сè што прават, постојано бараат потврдување од другите луѓе околу нив и секогаш го очекуваат најлошото.

Стравот од неуспех кој е поврзан со јавниот настап е моментот кога стравот преовладува низ целото тело и се манифестира со вкочанетост и трпки во екстремитетите, а мозокот се облева со еден вид на магла. Ова се случува поради стравот поврзан со тоа што ќе кажат другите за вас.

Во секојдневниот живот овој страв ја поттикнува желбата да поминувате што е можно повеќе време сами, но не и во осаменост. Секогаш на прво место ќе ја ставате квалитетната дружба со една личност, отколку дружбата во големо друштво.

Стравот од мрак значи дека сте креативни
Од когнитивен аспект, стравот од мрак се поврзува со непознатото. Овој страв не е целосно ирационален – научниците сметаат дека генетски го носиме овој страв во себе од времето кога нашите предци живееле на отворено и демнела опасноста од разни животински предатори.

Мракот ја намалува видливоста, што пак ја намалува човековата способност да ја перципира, разбере и контролира околината, што нè прави ранливи. Менталните стравови кои се трупаат во нашиот мозок во текот на денот, излегуваат на површина во текот на ноќта.

Мозокот автоматски ги извлекува овие мисли и пренесува ментални слики од најлошите стравови кои може да нè нападнат во мракот.

Стравот од бактерии е ориентиран кон детали
Овој вид на страв е најчесто поттикнат од некое трауматично искуство, како на пример константниот страв од болест. Стравот од бактерии создава магичен круг во кој човекот е постојано загрижен за своето здравје, а колку подолго трае, толку повеќе тој смета дека секојдневните, нормални ситуации претставуваат потенцијална закана по животот.

Кога си во тој маѓепсан круг сакаш да си постојано чист, па најголемиот дел од луѓето очајно се обидуваат да ги држат работите блескави и беспрекорно хигиенски.

Ваквата ситуација ја зголемува анксиозноста, а големиот стрес влијае негативно врз човековото здравје. Стравот од бактерии е исклучително сериозен, бидејќи во обидот да се уништат сите, на крајот се уништува само сопствениот живот.

Страв од голема толпа луѓе значи дека ви е особено важен личниот простор
Агорафобијата е збир на стравови поврзани со јавни места, отворен простор и голема толпа на луѓе. Луѓето кои страдаат од овој синдром, всушност сакаат да имаат контрола врз својот личен простор.

Овој страв ги тера да бидат претпазливи и внимателни. Во ситуации кога имаат избор да се борат за себе или да побегнат, бидете сигурно дека ќе побегнат.

Луѓето со агорафобија сакаат да се дистанцираат од другите со определен назначен простор меѓу соговорникот и нив. Стравот најчесто се префрла и на емоциите, резултирајќи со оддалечување од другите луѓе и губење на можноста да се воспостави емоционална, пријателска или пак љубовна врска.

Стравот од висина означува дека во животот ви е потребна стабилност
Сакате да стоите цврсто на земјата – стабилно, насочени во вистинскиот правец. Другите луѓе сметаат дека имате јасна слика за своите цели, кои сте, што сте и како сакате да ви се одвива животот.

Стравот од висина предизвикува неудобност бидејќи означува дека не можете да се ориентирате во просторот и времето.

Овие луѓе се многу интелигентни, чувствителни и имаат страв од губење на контролата. Фобијата од висина ја манифестира нивната несигурност поврзана со губењето на контролата врз битните работи во животот.