Македонија
18. February 2020 - 13:48

ТНТ по две години започна повторно, овој пат се презентираа докази на ЈО

Со прикажување снимка од надзорна расправа во Собранието на Македонија и презентирање докази од обвинителството, а селектирани од одбраната, денеска во Кривичниот суд започна судењето за предметот ТНТ кој се однесува на уривањето на „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски.

Судењето стартува од почеток поради промена на една поротничка во судечкиот совет. Пред почетокот на рочиштето, адвокатот на еден од обвинетите Еленко Миланов поднесе процесен предлог во кој наведе дека доказите кои се кај обвинителството и предложени за изведување, а се однесуваат на 26 аудио снимки од 26 мај 2017 година, како и смс пораки од 12  мај 2017 година, не можат да се применуваат.

-Обвинителството нема овластување да предлага вакви докази од причина што законот за СЈО кој е во сила нема извршители кои можат да применуваат вакви нелегални снимки. Во неделата донесениот Закон  за Јавно обвинителство стапува во сила и ќе се применува по 30 јуни 2020 година. Тој факт дека законот со кој во иднина може да се овозможи користење вакви докази е состојба која е идна, неактивна и неприменлива. Затоа овие докази во овој момент треба да бидат издвоени поради немање законска можност да опстојуваат. Доколку по 30 јуни овие законски одредби опстанат, не постои пречка да бидат прифатени, истакна Миланов.

Адвокатот Дончо Наков, пак, побара од судот ново овластување за обвинителот Бурим Рустеми кое, според него, е делегитимирано со законот на СЈО, бидејќи, како што појасни, се работи за предмет кој е од почеток. Наков рече дека материјалните докази кои денеска ќе се презентираат се невалидни бидејќи не се знае како се набавени.

Претседателот на судекиот совет Огнен Ставрев истакна дека обвинителот Рустеми има уредно овласување и дека се работи за ист предмет и не му е потребно ново. Во однос на доказите, Ставрев рече дека сите материјални докази се прифаќаат и ќе бидат презентирани.

Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски кој на претходните две рочишта беше болен и се одлагаа судењата, рече дека се уште има боледување, но ќе направи напор да остане на судењето доколку не трае долго.

За уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.