Македонија
20. August 2018 - 12:06

„Титаник“: Јанакиевски и Дерковски на изборите во 2011. ја мобилизирале администрацијата

Поранешниот директор на МЖ Транспорт и актуелен претседател на ДИК, Оливер Дерковски, добивал насоки за материјали и гласање од поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски за парламентарните избори во 2011 година.

- Прво да излезе членството, па потоа роднините, до 12 часот да гласаат вработените, а потоа и неопределените, му вели Миле на Оливер.

Ова денеска се слушна во една од „бомбите“ што втор ден се пуштаат во Кривичниот суд во Скопје како доказен материјал за предметот „Титаник“  на Специјалното јавно обвинителство. За овој предмет има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Во денешните бомби се слушнаа и разговори во кои Јанакиевски на полициски командир во Радовиш му дава насоки за комуникација со граѓаните од врата до врата. Тој во еден од разговорите со соговорник вели дека во 4 ИЕ ВМРО-ДПМНЕ мора да освои 12 пратеници и дека мора 50 партиски приврзаници да одат од врата на врата кај граѓаните.

Во една од „бомбите“ се слуша како Јанакиески му кажува на градоначалникот на Валандово да му забрани на некој професор по физичко воспитување до изборите да оди на работа.

-Не можел да оди од врата до врата. Имал работа. Да му се јавиш до избори да не оди на работа. Валандово да не го гледа, вели Јанакиески.  

Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.