Македонија
11. January 2017 - 16:48

Тимоти Лес: На Балканот не може да има мултиетнички држави, Албанците во Македонија да добијат одредена независност

Поранешниот политички секретар во британската амбасада во Скопје, Тимоти Лес продолжува да ја скандализира балканската јавност и да се дообјаснува за својата анализа во „Фореин полиси“, во која заговара формирање голема Србија, Хрватска и Албанија. Притоа за Македонија тој го препорачува рецептот албанското малцинство да добие форма на независност, односно федерализација, а потоа спојување со матичната држава Албанија.

Тоа што особено ги запали страстите на Балканот е што се смета дека преку него, всушност, Велика Британија го подготвува теренот за ваква политика.

Лес, кој сега ја раководи агенцијата „Нова Европа“,  во интервју за Јутарни лист во Хрватска вели дека во прекројувањето на границите има три сценарија и дека по ју-конфликтот било погрешно што се тргнало во формирање мултиетнички наместо национални држави на Балканот.

- На Балканот нема услови за создавање успешни мултиетнички држави во кои тамошните граѓани, без разлика на националноста, би имале еднакви права, сигурност и економски можности. Тоа е регион во кој постои недостиг од демократска традиција и уставен либерализам, кој на малцинствата им дава самодоверба и доверба во институциите на државата – вели Лес.

На забелешката на новинарот на „Јутарњи“ дека реализацијата на неговите идеи значи поделба на БиХ, Македонија и Kосово, Лес вели:

- Тие држави и онака се де факто поделени, така што поделбата што ја спомнувате не е условена со реализација на моите идеи. Погледнете, односите меѓу Србија и Хрватска, Србија и Албанија или меѓу Албанија и Грција се функционални и ниту една од тие земји на претендира на територии од другата држава, а населението не се плаши дека ќе почне војна. За разлика од тоа малцинските народи во Босна, Македонија, на Kосово чувствуваат несигурност. Убеден сум дека тензиите во регионот ќе исчезнат кога на Србите, Албанците и на Хрватите ќе им биде обезбеден животот во рамките на националните држави, вели Лес во интервјуто.