Македонија
8. January 2020 - 13:36

Тимотеј: Решавањето на нашиот спор со СПЦ ќе почека

Официјалните разговори меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква- Охридска архиепископија, во врска со српското непризнавање на автокефалноста на МПЦ, подолго време се во застој и нема никаков напредок. Ние имаме испратено барање за продолжување на разговорите, а тие во соопштение велат дека не се прекинати. Меѓутоа, не се ни продолжени, вели , митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Во интервју за ТВ Клан Македонија, запрашан дали со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција се отвори нова можност за решавање на овој децениски спор, владиката Тимотеј оценува дека има наклонетост од Грчката црква и од Цариградската патријаршија за тоа, но оти моментно вниманието е на спорот што тие две го имаат, пред се, со Руската црква.

–Грчката православна црква има симпатии во овој момент да го решава прашањето за автокефалност на МПЦ – ОА, особено Цариградската патријаршија. Но со оглед на отворениот проблем со Руската црква и со други православни цркви кои во овој момент жестоко се спротивставуваат на иницијативите или прерогативите што си ги зема цариградскиот патријарх, како прв меѓу еднаквите, сметам дека нашето прашање ќе почека, барем додека нивниот спор не се тргне од дневен ред или малку се ублажи, вели владиката Тимотеј.

Обидот да се побара помош од Бугарската православна црква, да биде „црква-мајка“ на МПЦ-ОА, отец Тимотеј го толкува како обид за дополнителен ангажман и лобирање кај одредени поглавари за решавање на спорот, но не менување на меѓусебните односи:

-Ќе биде мајка доколку го реши прашањето. А кога ќе го реши нема да биде мајка, туку ќе биде сестра. Според тоа ниедна црква не може да ни биде мајка. Мајка ни е Охридската архиепископија или во конкретниов случај – Цариградската патријаршија која е мајка-црква на сите словенски народи. Во богословска или теолошка смисла е Ерусалим, таму е Христос и од таму се сите православни цркви, истакнува Тимотеј.

Во врска со спорот меѓу Српската православна црква и властите во Црна Гора, по усвојувањето на Законот за верски слободи, кој навлегува и во имотните прашања, митрополитот Тимотеј вели дека Синодот на МПЦ-ОА се уште нема расправано:

-Според моето лично мислење, како човек и архиереј на нашата света црква, сметам дека тој закон што го донесе црногорскиот Парламент, не е добар и не е справедлив. Од причина што ниедна црква и ниеден манастир никаде во светот не биле државен имот, туку припаѓале на одделни цркви, руска, српски, бугарска, албанска, грчка, македонска итн. Од друга страна, знаеме дека секаде каде што државата стопанисувала или раководела со црква или манастири се покажала како лош домаќин. Ние во Македонија тоа најдобро го знаеме со 50-годишно раководење на неколку цркви и манастири, по што ни беа вратени во многу незавидна состојба, дури и без струја, а камо ли други бенефити кои што и во најзафрлено село беа достапни. Втора причина поради која велам дека законот не е добар  е тоа што не го почитува мислењето на својот народ, кој живее во таа држава независно од неговата национална определба. Сметам дека се што се носи на сила, а не низ еден демократски разговор, со дијалог, е штетно и нема да му донесе добро на тој народ кој што живее таму, смета владиката Тимотеј.