Македонија
18. May 2019 - 19:21

Тимоние: Не очекувајте подарок од ЕУ

Македонија мора да заслужи датум за почнување на преговорите со Европската унија, а не да чека подарок, порача францускиот амбасадор во земјава, Тимоние. Вели дека досега е завршена добра работа со донесување на легислативата, но Законите кои се носат мора и да се имплементираат. Според Тимоние, Европската унија станала попретпазлива по влезот на Бугарија и Романија, бидејќи двете земји ги донеле потребните закони, но не биле имплементирани, па граѓаните не ги почувствувале бенефитите од Унијата. Затоа и сега правилата за влез се построги.

-Тоа не е само политички маркетинг. Ќе биде добро за нас, амбасадорите од Западните земји би биле среќни, затоа што сите посакуваме отворање на преговорите, но земјава треба навистина да биде подготвена и тоа не треба да биде само подарок. Тоа треба да биде заслужен подарок и тоа е вашите раце, истакна амбасадорот Кристијан Тимоние.

Според францускиот амбасадор, тешко е да се предвиди како изборите во ЕУ ќе влијаат на проширувањето на Унијата во иднина. Без разлика на резултатите, јасно е дека ќе има промена и во распределбата на моќта, но и промени во политиките.

-Она што е важно е што земјава ќе стави на маса. Знаете, постојат работи кои зависат од другите, и работи кои зависат од нас. Ние мораме да ги завршиме работите кои зависат од нас, рече Тимоние.

Амбасадорот денеска е во посета на Гостивар каде се одбележува Денот на Франкофонијата. На средбата со градоначалникот Таравари порача дека како втор јазик во училиштата треба да се изучува и францускиот. Според него, францускиот е еден од најупотребуваните јазици во Европа и ќе им биде потребен на идните генерации.