Свет
6. јуни 2017 - 9:55

Тилерсон: Трамп ми побара обновување на односите со Русија

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон денеска изјави дека претседателот Доналд Трамп од него побарал да ги обнови односите меѓу САД и Русија и да не дозволи во тоа да го спречат политичките превирања околу можната поврзаност на Русија со предизборната кампања на Трамп.

Тилерсон истакна дека односите меѓу Вашингтон и Москва се на ниско ниво и дека се влошуваат, па затоа Трамп од него побарал овие односи да се стабилизираат и обноват со взаемна доверба, пренесуваат американските медиуми.

Американскиот државен секретар ова го изјави во Велингтон, каде во текот на неговата кратка посета на Нов Зеланд се сретна со премиерот Бил Енглиш. 

Тилерсон напомена дека не може да ги коментара деталите од истрагата за Русија, нити за тоа дали нејзиниот исход може да доведе до пад на американската администрација, бидејќи, како што кажа, „нема директни сознанија за тоа“.

Трамп, објасни тој, му кажал да не дозволи во работата на односите со Москва да му попречува „правот што се крева заради истрагата“.

-Јасно ми кажа да делувам со кое темпо сакам и во областите во кои сметам дека би можеле да оствариме напредок. Во другите прашања навистина не сум вмешан, рече Тилерсон.