Свет
15. August 2017 - 20:29

Тилерсон: САД се уште се заинтересирани за дијалог со Пјонгјанг

САД се уште се заинтересирани за воспоставување дијалог со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, но засега нема никакви знаци дека таков интерес постои и од страна на Пјонгјанг, изјави денеска во Вашингтон американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

- Ние сме и натаму заинтересирани за обидите за изнаоѓање начини за воспоставување на дијалог, но тоа зависи од него, изјави Тилерсон на прес-конференција на која беше презентиран Извештајот на Стејт департментот за верските слободи во светот.

Тилерсон при тоа одби да ја коментира последната најава на Северна Кореја дека е подготвена да го спроведе планот за истрелување на балистички ракети кон американскиот пацифички остров Гуам, но дека засега нема да го реализира.

Ваквата изјава на Тилерсон следи откако во неговиот зеднички текст со американскиот министер за одбрана Џемс Матис за денешниот број на „Волстрит џурнал“, тие нагласија дека САД не се заинтересирани за промена на режимот во Пјонгјанг или за повторно обединување на Северна и Јужна Кореја.

Матис и Тилерсон во заедничкиот текст наведуваат дека САД преферираат дипломатско решение на нуклеарната криза, особено со помош на Кина, но дека не ја исклучуваат ниту воената опција.

- САД не се заинтересирани за промена на режимот или брзо обединување на двете Кореи, потенцираат двајцата американски официјални претставници.

Тие ја повикуваат Кина, која е главен трговски партнер и сојузник на Северна Кореја, да влијае врз Пјонгјанг и да го повика тамошниот режим да се отстаои од опасниот пат.