Бизнис
25. April 2019 - 12:01

„Тиквеш“ го исплати откупеното грозје од ланската берба

Винарската визба „Тиквеш“ денеска соопшти дека ги исплатила сите обврски кон лозарите за откупеното грозје од минатогодишната берба.

Винарницата на индивидуалните лозари и на правните лица, без капитално поврзаните субјекти, за преземеното грозје од 2018 година им исплатила над 345 милиони денари. Откупените количини грозје надминале 28 милиони килограми.

– Во бербата 2018 откупивме квалитетно грозје од дури 36 сорти што ќе ни овозможи да продолжиме со иновациите во нашето портфолио. Ова е од особено значење за понатамошниот деловен развој. И годинава, во предвидениот рок ги исплативме финансиски нарочните обврски кон лозарите, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

Од „Тиквеш“  посочуваат дека низ годините развиле долгорочна соработка со лозарите, физички и правни лица со постојана едукација и поддршка при примена на современи агротехнички методи и практики во одгледување и заштита на лозови насади. На лозарите кои ги почитуваат ваквите стручни совети и упатства „Тиквеш“ им го гарантира откупот на грозјето со висок квалитет и им обезбедува дополнителен бонус при исплатата на грозјето.