Македонија
27. January 2020 - 13:31

Тигањ: Нашата позиција е чиста, да се исправи грешката што се направи во октомври

За време на хрватското претседателство со ЕУ посебен фокус ќе се стави на проширувањето на ЕУ во однос на Југоисточна Европа. Земјите од ЈИЕ заслужуваат европска перспектива и Хрватска може да ја даде поддршката на нашето непосредно соседство, истакна амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ образлоижувајќи ги приоритетите на хрватското претседавање на денешната собраниска Комисија за европски прашања.

Хрватска, рече, има неколку специфични причини зошто го става овој приоритет виско на агендата на своето претседателство, а тоа се безбедноста и стабилноста на непосредно опкружување, и оти, за разлика од останатите земји членки Хрватска е свесна за сите предизвици и можности на овој дел од светот. Како најмлада земја членка на Унијата, таа потсети и дека Загреб се уште има свежи сеќавања на својата интеграција и пристапниот процес и се подготвени да го споделат своето искуство сон земјите од ЈИЕ.

-Што се однесува до Македонија, нашата позиција е чиста, нашата желба е грешката која што се направи во октомври минатата година да биде исправена на претстојниот период и Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, порача амбасадорката Тигањ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи честитајќи го првото и историско претседателство на Хрватска со Советот на Европската унија, потенцира дека оваа 2020 година е година не само на Република Хрватска, туку и на Република Македонија и на целиот регион на Западниот Балкан.

-2020 година е година и на Република Македонија, бидејќи оваа година, после три децении, ја остваруваме нашата прва стратешка цел, членство во НАТО, а убеден сум дека оваа година ќе ги започнеме и преговорите за членство во ЕУ, додаде Османи.

Во оваа насока тој потенцираше дека најважно е одлуката да се донесе и преговорите да започнат што е можно поскоро, за да продолжи реформскиот процес, како и изградбата на европска држава, со силни демократски институции и целосно почитување на фундаменталните права и еднаквоста на сите граѓани.

-Процесот на преговори ќе го почнеме и тој нема да биде едноставен, туку долготраен, полн со предизвици. Затоа е потребно сите да вложиме заеднички напори и да имаме конструктивен пристап како гаранција дека овој пат успешно ќе го изодиме, истакна Османи.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак, ја искористи можноста во делот на реформската агенда да повика во претстојните недели пред распуштањето на Парламентот да бидат донесени законите како што се Законот за јавното обвинителство, Изборниот законик и измените на собранискиот Деловник во рамки на „Жан Моне“ процесот со заедничка работа на власта и опозицијата, со што шансите за успех на земјата ќе бидат поголеми. За претстојните избори, рече, очекуваат слободни фер и мирни избори.

-Изборната кампања иако не е започната официјално, всушност веќе е почната откако од октомври се објави датумот. Со зголемувањето на кампањата се зголемуваат и тензиите во политиката кои што се одразуваат и на целото општество. Затоа ги повикувам и лидерите да се справат со тие тензии. Имаме интензивна агенда на двете страни на која што ќе треба да работиме, но ние сме во добри раце на претседателството и мислам дека треба да гледаме со оптимизам на иднината, особено на следните шест месеци, рече Жбогар.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пак истакна дека за разлика од пријателска Хрватска за која како претседавач проширувањето е високо на агендата на ЕУ, приоритет на многу земји членки на Унијата ќе биде буџетот на ЕУ, а проширувањето е тема за која секогаш се наоѓаат добри изговори како да се помести за следниот семестар. Укажа и обемниот календар околу усвојувањето на новата методологија за пристапни преговори.

-Законите се добри, примената е слаба, ЕУ си има свои приоритети. Ние од хрватската амбасадорка чувме убави зборови и веруваме во нив, но знаеме дека на Хрватска нема да и биде лесно да ги смени приоритетите на ЕУ. На владата и порачуваме да не ги подига очекувањата. Досега два пати го прославија добивањето на датумот кој што го немаме. Не ни треба и трето разочарување, рече Милошоски.

Тој упати и забелешка до евроамбасадорот Жбогар за, како што рече, непринципиелното однесување како претставник на ЕУ, оти не реагирала за злоупотребата на европското знаменце и негово ставање на закони, со кои вели, не се врши усогласување на македонското законодавство со европската регулатива. Со тоа, смета тој, се нарушува угледот на ЕУ во змејава.

Мотото на шестмесечното хрвтаското претседателство ќе се одвива под „Силна Европа во светот на предизвици“ со четири приоритети – Европа која се развива, Европа која поврзува, Европа која штити и Влијателна Европа. Во фокусот ќе биде договорот за повеќегодишната финасиска рамка на ЕУ, одвојувањето на Велика Британија од ЕУ -тн Брегзит, организрањето на самитот во мај и подготовката на конференцијата за иднината на Европа како повеќегодишен проект.