Бизнис
2. March 2018 - 20:35

Тевдовски: Законот за јавни набавки ќе биде европски и квалитетен

23 забелешки по одредени членови, но и свои предлози имаат бизнисмените и ЕПИ центарот по однос на новиот Закон за јавни набавки, кој беше презентиран денеска од страна на министерот за финансии Драган Тевдовски. Овој Закон изминативе години е 14 пати менуван без консултации со бизнис секторот  и според Тевдовски сите сугестии се добро дојдени, за да се креира Закон по европски терк.

- Јас сум дојден тука за повеќе да слушам, да ги слушнам вашите проблеми и вашите барања за да знаеме што е тоа што би требало да промениме или да вградиме во законот, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии

На третата по ред инфо сесија, посебно беше акцентиран предлогот на 4-те Стопански комори за воведување на електронски каталог, со што ќе се избегнат набавки на одредени производи по повисоки цени од тие во малопродажба, што било досегашна пракса.

- Сега идејата е сите такви производи кои што фреквентно ќе се купуваат, да бидат на тој електронски каталог и секој да може да ги види и нивните цени и практично институциите брзо да можат на еден транспарентен начин тие да ги купуваат, додаде Тевдовски.

Во делот на избор на економски најповолен понудувач, бизнисмените предлагаат изборот да биде секторски и да се изготват прирачници, зашто не е исто, на пример, да се набавува медицинска опрема или градежни материјали.

- Од тие причини сметаме дека е многу важно да спецификите на овие сектори бидат одредени со посебни под законски акти-изјави Љубомир Димовски координатор на проектот - ЕПИ центар

Крајната цел на новиот Закон, кој треба да биде донесен до октомври е зголемување на транспарентноста, односно, креирање систем отворен за јавноста со што би се спречиле злоупотребите и подобрување на ефикасноста преку забрзување на процедурите.