Бизнис
18. November 2018 - 17:32

Тевдовски тврди дека нема непродуктивни ставки во буџетот за 2019 година

Ставката за набавување на мебел од 3,3 милиони евра не е за опремување на кабинетите на министрите, туку најголем дел од тие пари ќе одат во Образование, тврди министерот Тевдовски. Вели дека 118 милиони денари ќе одат за опремување на ученички и студентски домови, но и за училиштата.

Втор најголем трошач од оваа ставка ќе биде МВР.

Тевдовски уверува дека тие 3,7 милиони евра, кои се предвидени за набавка на возила ќе се трошат според потребите. Ќе се набуваат возила за итната медицинска помош, судовите и инспекторатите.

Во однос на зголемените трошоци во ставката за стоки и услуги, каде главно влегуваат непродуктивни трошоци, министерот вели дека парите ќе одат за здравствени програми, инсулин, лекови за ретки болести. Во оваа ставка предвидени се и пари за Армијата, за да се достигнат стандардите на НАТО, но и нова опрема за МВР. Вицепремиерот за економски прашања, пак, вчера рече дека парите од оваа ставка ќе се трошат за консултатнски и правни услуги, но и арбитражни постапки кои се водат поради работењето на претходната влада.

За следната година предвиден е историски највисок буџет. Тој е за 300 милиони евра поголем од годинава. Дефицитот ќе биде 2,5 отсто од БДП, а јавниот долг ќе се зголеми за 600 милиони евра.

Инаку, денеска беше претставена и веб-платформата каде што може да се видат сите информации за приходите и расходите во буџетот. Но и да се направи споредба со претходниот. Платформата е изработена од млади ентузијасти, во соработка со Министерството и Фондот за инвации.