Македонија
17. July 2017 - 13:25

Тевдовски: Со ребалансот сериозно кратење на сите непродуктивни трошоци

Намалување на непродуктивните трошоци и обезбедување простор за реализација на политиките на новата Влада е целта на предложениот ребаланс на Буџетот за 2017 година за кој од денеска почна расправа во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Образложувајќи го предлогот министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека кога станува збор за ребаланс има ограничување и оти единствената здрава опција била да се намалат непродуктивните трошоци како што се службени патувања, рекламирање, службени патувања и економски презентации, што, како што рече, тоа обезбеди простор за буџетирање нови мерки за поддршка на граѓаните и фирми како што се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

Посочи дека до крајот на неделата Министерството за финансии ќе излезе со податоци колку изнесуваат доспеаните, а неплатени обврски од претходната власт и оти во моментов се договара проект со Светска банка за „чистење“ на ваквите обврски.

Во обраќањето пред членовите на Комисијата истакна дека преземените, а неплатени обврски во минатото во Министерството за внатрешни работи изнесувааат 424 милиони денари, а во финансирањето на дејностите од областа на културата 2,4 милијарди денари.

Во однос на остварувањата во првите шест месеци од годината истакна дека вкупните приходи се реализирани во износ од  86,4 милијарди денари што претставува 46 отсто во однос на планираните за 2017 година. Даночните приходи во првите шест месеци се остварени на ниво од 51,3 милијарди денари, односно бележат реализација од 47 проценти во однос на планот за цела година. Во структурата на наплатените даночни приходи доминираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 45,6 отсто или 23,4 милијарди денари. Приходите од социјални придонеси се остварени во износ од 25,5 милијарди денари, што претставува 49 отсто во однос на годишно планираниот износ.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари-јуни 2017 година се реализираа во износ од 94,6 милијарди денари, при што тековните расходи изнесуваа 85,9 милијарди денари.

- Капиталните расходи сериозно потфрлија во првата половина на годинава. Тие се реализираа во износ од 8,7 милијарди денари или само 32 отсто во однос на годишно планираниот буџет, рече министерот.

Тој истакна дека со ребалансот вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5 процент надолу, односно за 2,87 милијарди денари. - Ова ревидирање на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите на основниот буџет согласно реализацијата во изминатите шест месеци и очекувањата до крајот на годината. Едновремено е направено и ревидирање на приходи кои буџетските корисници ги остаруваат на сопствените сметки, а по основ на донаторските средства кои се однесуваат за реализација на ИПА проекти е предвидено зголемување. Социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да остварат благ пораст во однос на иницијално буџетираните, рече министерот Тевдовски. 

Сериозно намалување е направено кај наменети за стоки и услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. - Од оваа ставка, појасни,  се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на Владата и институциите наменети за патувања,  репрезентации, економски промоции и рекламирања.

Патните трошоци се намалени за 122 милиони денари, а другите тековни расходи за 258 милиони денари. Договорните услуги се намалени за 932 милиони денари, ако се гледаат без здравствените услуги преку Фондот за здравство.

Според министерот најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен со расходите на Владата на Република Македонија. Стоките и услугите, рече, на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиони денари на 266 милиони денари, средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации.

Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари, поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината. Но сепак, планираното ниво на капитални расходи со ребалансот, смета министерот, е значајно, ако се спореди со реализацијата во последните четири години, која никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Со ребалансот дополнителни средства се предвидени од 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението и 600 милиони денари за Фондот за здравствено осигурување за зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните.

Ребалансот обезбедува и средства за нови мерки и активности на Владата кои се во насока на директна поддршка на работниците и граѓаните за подобрување на нивниот животен стандард, како и поддршка на домашните претпријатија.

- Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се покачи на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавачите во износ од околу 70 отсто од потребниот пораст на бруто платата. За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор, со ребалансот се дополнително алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милиони денари. За споредба нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари. Поддршка на малите и средните претпријатија и поддршка на домашни Гринфилд инвестиции од околу 135 милиони денари за до крајот на годинава. За поддршка на домашниот туризам 60 милиони денари преку субвенционирање на работниците со ниски приходи, како и решавање на стечајните работници од претпријатија кои досега не биле опфатени со постојните законски решенија.

Предвидено е и субвенционирање на Македонската радио телевизија со укинување на радиодифузната такса и ослободување на граѓаните од оваа јавна давачка и поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на предпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.

Економскиот раст со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти, а буџетскиот дефицит на 2,9 проценти од БДП или 18,57 милијарди денари.

Министерот рече дека отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година и согласно тоа потребата од финансирање изнесува 36,92 милијарди денари. 

Тој појасни дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбеди преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти како и од депозитот пренесени од минатата година, но во рамки на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување.

Министерот истакна дали ќе се реализира ќе зависи од движењето на  каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање.

- Дел од средствата од домашното и можното странско задолжување ќе бидат искористени за финасирање на потребите во тековната 2017 година, а останатиот дел ќе биде префрлен како депозит за наредната 2018 година, кои ќе бидат искористени за отплата на првата рата од кредит за буџетско финансирање во износ од 95 милиони евра, склучен во 2013 година која доспева на 29 јануари 2018 година, рече министерот за финансии.

Расправата по предложениот ребаланс според Деловникот на Собранието во Комисијата може да трае 10 работни денови.

По излагањето на министерот, Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ побара еден час пауза за разгледување на експозето.