Македонија
1. November 2019 - 19:24

Тевдовски: Пред да гласаат пратенциите на СДСМ да помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ

Повлекувањето на прогресивното даночење би значело бришење на социјалдемократската кауза на партијата, порача поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски. Кратко откако Владата објави дека ќе ја одложи примената на прогресивниот данок до 2023 година, Тевдовски, министерот кој всушност го воведе даночењето со прогресија, на својот Фејсбук профил напиша:

“Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ.
Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ.”

Од најголемата опозициска партија обвинуваат дека поради аматеризмот на власта штета трпат сите актери во општеството, како граѓаните и фирмите, така и државата бидејќи наплатата на данокот на добивка била за 50% помала. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека

“Потребно е целосно укинување на прогресивниот данок и враќање на рамниот данок, а не негово времено запирање.”

“Денеска слушам Владата го стопирала спроведувањето на Законот за прогресивен данок. Таква една смејурија направивте со тој закон, толку солзи се пролеаја во ова Собрание, па не само Премиерот, не само тогашниот Министер за финансии, па потпретседателите на Владата, па колку од вас тука дискутираа дека тоа е најдоброто решение... Денеска свирите рачна и се повлекувате назад заради тоа што аргументите кои што ви ги кажавме за прогресивниот данок станаа видливи со првите статистички податоци”, изјави Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Прогресивното даночење се применува од почетокот на годинава. Бизнис коморите долго алармираа дека не е соодветно време за ваква промена во даночната политика. Но, како што велат, власта не ги послушала нивните барања. Тие ги повикаа надлежните институции да проверат колку физички лица отвориле сметки во соседните држави, каде го селат капиталот поради пониските даноци.