Бизнис
19. October 2018 - 15:26

Тевдовски: Клучен чекор за Македонија да оди напред е интегрирањето во НАТО и ЕУ

 Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска во Штип изјави дека Владата презема низа мерки за да му помогне на приватниот сектор.

– Во изминатите години растот во Македонија, главно беше базиран на државните интервенции, пред се, што е нешто непродуктивно, како што беше проектот Скопје 2014, градење на споменици и фасади, нешто што не ја движи економијата. Одлично е што во изминатиот период, овие главно макроекономски индикатори, коишто покажуваат дека приватниот сектор започна да оди во позитивна насока, на пример индустриското производство, па имаше раст на 5%, потоа извозот има двоцифрен раст некаде од 14 %, во првата половина од годината. Странските инвестиции се двојно повисоки отколу просекот од претходните години, а исто така и стапката на невработеност се намали, вели Тевдовски коментирајќи го 84. место на Македонија според индексот на конкурентност.

Според него овие бројки покажуваат дека има подобрување во економијата, но како што рече, мора да се продолжи, а клучниот чекор за да се оди напред е Македонија да се интегрира во НАТО и ЕУ, бидејќи тоа и ќе биде најголемиот стимул за инвеститорите.

Прашан за ребалансот на буџетот, во кој е предвидено да се исплатат долговите на општините и за коментарите на економските експерти дека економскиот раст од 2,8 % е сепак превисок, Тевдовски со одговор дека исплатата на долговите на општините е со цел да се придвижи локалната економија, а со тоа и економскиот раст.

-Нашата идеја со ребалансот е практично да ги помогнеме општините, бидејќи ако одблокираме дел, ако им помогнеме да сервисираат такви големи напластени долгови, тоа ќе биде добро за економијата, затоа што тоа ќе го стимулира растот преку одблокирање на закочени процеси. Најважно е да бидат изгласани во Парламентот уставните промени и потоа да се оди со усвојување на ребалансот од страна на Собранието, рече Тевдовски.

Министерот за финансии Тевдовски најави дека ќе има и механизими, со кои ќе се спречуваат и новите задолжувања на општините. Но во моментов, вели, е важно да се изгласаат уставните промени. Доколку не се изгласаат во тој случај нема да го има овој ребаланс на буџетот поради предвремени Парламентарни избори, вели министерот за финансии Тевдовски