Тевдовски: ЕК ги цени работите што ги направивме во фискалната транспарентност | Сител Телевизија
Бизнис
25. May 2018 - 18:41

Тевдовски: ЕК ги цени работите што ги направивме во фискалната транспарентност

Реформските напори што ги прави Македонија во фискалната сфера биле тема на разговор на денешната средба во Брисел меѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и еврокомесарот задолжен финансии и даноци, Пјер Московиси.
 
- Зборувавме за стратегијата за управување со јавните финансии којашто ја имаме направено заедно со ЕУ и претставува повеќегодишен акциски план што треба да се направи за достигнување на ЕУ стандардите. Многу е важно што Европската комисија ги цени работите што ги направивме во фискалната транспарентност, бидејќи во поранешните извештаи Македонија била негативно оценета, изјави Тевдовски за МИА.
 
ЕК, додаде, е задоволна од повеќе мерки што ги носи Македонија како објавувањето на граѓански буџети при создавање ребаланс на буџетот и податоци кои не и биле достапни на јавноста порано, како што е извршувањето на буџетот на различни нивоа, од централна власт до општини. Од Брисел е поздравена и обврската за сите во системот да се објавуваат договорите на платформата за јавни набавки во целост.
 
- Македонија е најдобро оценета во регионот на Западниот Балкан и Турција за имплементирање на препораките во економската програма за реформи, изјави Тевдовски по средбата.
 
Остануваат, посочи, уште реформи на европскиот пат за Македонија.
 
- Годинава треба да се донесе нов закон за буџети, којшто ќе треба да донесе подобро среднорочно буџетско планирање, како и нов закон за јавни набавки. Тој процес беше отворен со консултации, со јавноста, со коморите и со невладините организации. Има уште ред други чекори кои ги правиме, но клучно е што првпат Македонија има стратегија за реформа на јавните финансии која е среднорочна до 2021 година и практично е одобрена од страна на ЕУ и работена со нив. Тоа е многу различно од она во што се правеше во минатите години со ад-хок менување на елементи во системот, потенцираТевдовски.
 
Од кабинетот на Московиси за МИА по средбата кусо изјавија дека ова било „прилика за размена на гледишта за економските перспектива на поранешната југословенска Република Македонија и напредокот во имплементацијата на нејзината економска реформска програма“, без повеќе детали.