Македонија
11. December 2018 - 15:24

Тетовските пожарникари на суд ќе ги бараат своите права од општината

Претставници од независниот синдикат на тетовските пожарникари денеска ги демантираа наводите од општинското соопштение дека нивните барања што тие јавно ги истакнаа минатата недела имаат политичката заднина. Тогаш синдикалците побараа  подобри услови во објектот на територијалната против-пожарна единица во Тетово, набавка на нова лична и опрема за гасење и други интервенции како и порамнување на платите согласно законите. Од општината освен што посочија дека барањата на синдикатот имаат политичка заднина истакнаа и дека вложиле во обновата на надворешноста на објектот оти во следниот период ќе се интервенира и во внатрешниот дел како и дека во последните години била добиена како странски донации опрема и возила за потребите од единицата во вредност од над 400 илјади евра.

-Синдикатот во тетовската противпожарна единица е целосно деполитизиран и нашите барања немаат никаква политичка заднина. Општината не сака да се соочи со реалноста дека во нашиот синдикат се 90 отсто од вработените во пожарната и не сакаат ниту да не примат на состанок кај градоначалничката. Ние веќе ја започнавме постапката да ги бараме нашите права по судски пат но тоа нема да има влијание врз работата и противпожарната единица ќе остане во служба на граѓаните,  рече заменик претседателот на независниот синдикат на тетовските пожарникари Игор Симовски.

Според Симовски во просториите на пожарна немало започнато никаква реконструкција додека платите, ноќната и прекувремената работа како и работата за време на празниците не е во согласност со законите.