Македонија
4. November 2016 - 14:53

Тетовската полиција со флаери ги потсетува возачите за користење на зимската опрема

Припадници на  Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово (ПС за БПС) денеска  реализираа повеќе  информативно-превентивни активности под мотото „Внимание, зима на патот“.

Сообраќајците денеска на улица „Маршал Тито“ во непосредна близина на Медицинска пластика на влезот во Тетово на возачите им делеа наменски изготвени флаери, на македонски и албански јазик, со кои тие и сите други се потсетуваат на нивните зимски обврски, поседување и носење адекватна опрема, како и внимателно возење во зимски услови. Се планира  да се поделат над 500 вакви флаери на подрачјето кое го покрива тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај.  

- Активностите што ги започнавме денеска се со цел навремено информирање на возачите, но и другите граѓани околу законската обврска за користење на зимска опрема во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март. На флаерот се наоѓа законската обврска но и практични совети за безбедно возење на возило во зимски услови како и и она што значи зимска опрема.Според нашите согледување и анализи најкритични услови кога има зголемен број сообраќајни несреќи во зимскиот период се периодите на првите врнежи од снег кога возачите не се навикнати на такви услови, потоа појавата на магла, голомразица и така натаму. Како еден од важниот услов за одвивање е користење на зимските гуми односно соодветната зимска опрема, изјави помошник командирот на ПС за БПС Дарко Блажевски.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата   моторните возила и мобилните машини во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат зимска опрема. Во спротивно ќе се соочат со мандатен платен налог и  глоба во износ од 45 евра односно 25 негативни бодови за секој возач.