Македонија
29. December 2015 - 9:06

Тетово и Скопје најзагадени

Воздухот утрово е најзагаден во Тетово и во Скопје. Високи концентрации на ПМ10 честички во воздухот има и во Битола и Кичево.

Мерните станици во Тетово регистрираа концентрација на ПМ10- честичките од 386 микрограми на метар кубен. Во Скопје највисоки концентрации има во Центар од 332 микрограми, Гази Баба 310, кај Ректорат 279, Лисиче 264, Карпош 252 и во Миладиновци 96.

Во Битола се измерени 118, а во Кичево 115 микрограми.

Над дозволените концентрации на ПМ10 честичките утрово се регистрирани и во Кавадарци со 61, Велес 57 и Кочани 55 микрограми.

Владата завчера поради загадувањето донесе заклучоци и препораки кои се однесуваат на општините каде се високи концентрациите. 

Според препораките треба да се ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60-годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60-годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), до 4 јануари. Да се интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.  Државниот инспекторат за животна средина, до 4 јануари 2016 година да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола. Еднаш неделно да се врши контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Како и да се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Меѓу препораките до граѓаните се да користат почесто јавен превоз, да не ги користат возилата без поголема потреба  и да се почитуваат законските одредби во поглед на тоа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.
 
Како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.

Поради загаденоста на воздухот вчера под мотото „Излези за воздух“ се одржа протест инициран од  дваесетина граѓански здруженија и организации.