Македонија
20. August 2017 - 16:41

Тетовци протестираат за чист воздух

Депонијата во Тетово и денеска чадеше. По вчерашниот ден поминат во дим и неподнослива миризба од запалениот смет Тетовци преку фејсбук се организираа и излегоа на протест, бидејќи по пожарот на дивата депонија два дена не можат да дишат. Инсистираат на итно решавање на проблемот со сметот.

Утрото револтирани граѓани истуриле ѓубре пред зградата на општината со која раководи Теута Арифи. Од владата велат дека пожарот е подметнат.

- „Владата на РМ обезбеди средства и склучи договор за дислокација и чистење на тетовската депонија, процес кој треба да почне во понеделник (утре). Некој тоа го знаел и затоа два дена пред да почне чистењето и дислокацијата, ја запалил се со цел да не може да дојде до тоа или да се одложи процесот, притоа загрозувајќи го здравјето на луѓето. Кому му е ова во интерес? Проценете сами“, пишува Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на својот фејсбук.

И градоначалничката на Тетово Теута Арифи вчера изјави дека има индиции дека пожарот е намерно предизвикан и побара МВР да испита.