Македонија
30. November 2016 - 10:28

Тешко повреден пешак во Скопје, „пајакот“ кренал 84 возила

Пешак е тешко повреден, а уште едно лице се здобило со полесни повреди во две од 12 регистрирани сообраќајни несреќи во изминатото деноноќие во Скопје. Десет незгоди се само со причинета материјална штета.

Како што информираа за МИА од СВР - Скопје, сообраќајната полиција, санкционирала тројца возачи под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, петмина без возачка дозвола, односно нерегистрирано возило, како и девет возачи кои за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон. Затекнати се и  58 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило „пајак“, во текот вчерашниот ден отстранети се 84 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници со ученици од четврто одделение во ООУ „Песталоци“  во општина Центар.

Денеска ќе се одржи 17. акција  „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“.Од сообраќајната полиција најавуваат дека ќе се преземаат мерки за безбедно одвивање на сообраќајот и успешна реализација на акцијата. На појдовните и крајните дестинации ќе бидат поставени полициски службеници, а посебно на локациите на кои се очекува зголемен интензитет на сообраќај.

Од сообраќајната полиција апелираат до сите граѓани, а посебно до возачите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се однесуваат толерантно со што самите ќе придонесат за успешно одвивање на акцијата.