Бизнис
7. August 2018 - 19:39

Тешко до оштета за косовската царинска блокада - парите од државата ќе добијат само тие што имаат доказ дека се оштетени

Тешко ќе се најде начин за надомест на штетите што македонските земјоделци ги претрпеа од косовската времена мерка, велат од Министерството за земјоделие. Според нивните проценки, вредноста на штетите изнесува меѓу 180.000 и 200.000 евра, односно се работи за 2.000 тони нереализиран извоз наменет за косовскиот пазар. Проценките ги направиле врз основа на извозот на земјоделските производи опфатени со мерката, а реализиран во истиот период лани.

“Повеќе се направи политичка штета, ако може да кажеме, но тоа не значи дека тие производи не се пласирале, се фрлиле, не се продале. Нема такво нешто некој да каже дека морал поради таа мерка да фрли производи на Дрисла или на некоја депонија, 100 тони или незнам колкава количина. Доколку некој има вакви изјави постои Биро за вештачење и по направени анализи држи вода да се размислува за некоја опција за обесштетување”, изјави Трајан Димковски, шеф на кабинет во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Иако Министерот за земјоделие вети дека ќе се најде начин за надомест на штетите предизвикани од оваа мерка, од неговиот кабинет информираат дека процедурата е сложена.

“Не е лесно да кажете дека овој земјоделец има толку направена штета и која е гаранцијата, или како доаѓаме до тоа дека тие земјоделски производи биле наменети за косовскиот пазар?”, вели Димковски.

Единствен начин за да се дојде до некакво обесштетување нуди Законот за земјоделство и рурален развој. Доколку некој земјоделец се одлучи за таков потег, Бирото за судски вештачења треба да направи проценка за настанатата штета.
Мерката што Косовските власти ја оквалификуваа како заштитна за домашното производство, речиси целосно го запре извозот од земјава наменет за нивниот пазар.
Од Министерството за земјоделство велат дека не може да се прави стратегија за заштита од вакви или слични ситуации.

Мерката преку која што Косово за 30% ја зголеми царината за увоз на вкупно 21 сорта овошје и зеленчук, беше воведена на 18 јули, а траеше две недели.