Свет
2. April 2016 - 11:37

Тешки борби меѓу армиите на Ерменија и Азербејџан во енклавата Нагорни Карабах

Ерменското Министерство за одбрана информира дека во моментов водат тешки борби со азербејџанската војска во Нагорни Карабах, енклава во Азербејџан, што се наоѓа под контролаа на локалните етнички ерменски сили и ерменската војска, пренесуваат американските медиуми.

Портпаролот на ерменското Министерство за одбрана, Арцрун Хованисјан, денеска за американските медиуми изјави дека борбите се водат долж целата линија на контрола, која го дели Нагорни Карабах од Азербејџан. Тој на Фејсбук  напиша дека во борбите има жртви од двете страни и дека е соборен ерменски хеликоптер.

Азербејџанските власти се уште не излегоа со свој коментар.

Нагорни Карабах е под контрола на ерменската армија и локални сили уште од завршувањето на војната во 1994 година.

Долгогодишните преговори, под агенда на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), не дадоа никакви резултати за надминување на конфликтот, додаваат американските медиуми.