Македонија
2. August 2017 - 17:17

Тешка ноќ за жителите на село Орман

Голите и црни ридови сведочат за големиот пожар кој синоќа беснееше над скопските села Орман и Никиштани. 80-годишната баба Елица за малку ќе останела без куќа. Искри од огнот паднале и во нејзиниот двор, но пожарникарите и нејзините соселани помогнале оваа старица да не остане на улица. Вели поминала многу во животот, но тоа вчера било страшно.

-Страшно беше сине, страшно. Ми вика комшиката Елице гори кај тебе...Со овие десет прсти на мене и покојниот маж го изградивме ова и да останам без ништо, вели баба Елица Димитриевска од Орман.

Баба Елица која живее сама, вели дека не можела да спие мирно бидејќи ноќта немале струја. Бурна вечер поминале и останатите жители на Орман. Иако биле испаничени, Љупчо Димитриевски од селото вели дека речиси сите биле ангажирани во гаснење на пожарот.

-Имаше паника, како не..да не беа младите ќе изгореа куќите, вели Љупчо Димитриевски од Орман.

-Пожарот почнал од никиштанските гробишта и се проширил најак орман кад еима 40 годишна борова шума и ја зафатил, вели жител на Орман

Дел од селаните беа револтирани од противпожарните екипи кои не стигнале веднаш по пријавата. Изјави не сакаа да дадат и жители од Никиштани кои и денеска се без струја.

Пожарникарите до раните утрински часови се бореле со огност и велат дека сега состојбата е под контрола. Дежурна екипа патролира кај селата, бидејќи има неколку места кои чадат.

-Сега е мирно, репетиторот не е зафатен, има мали чадови и ако има потреба истураме вода. За среќа имавме помош од мештаните, вели Љупчо Ивановски командир на ППЕ Ѓорче Петров.

Во голема опаснот од синоќешниот пожар бил и манастирот свети 40 маченици, но за среќа не бил зафатен од огнот.

Пред нашето заминување од Орман дојдоа работници кои ќе местат бандери за струја во Никиштани.