Балкан
20. August 2019 - 14:34

Тероризираните шпански туристи во Албанија се семејство на милионерот Галдон

Инцидентот во кој беше тероризирано семејство туристи од Шпанија од страна на сопственик на ресторан во Порто Палермо, кај албанското приморско градче Химара и понатаму не губи од својата актуелност.

Aлбанските медиуми,повикувајќи се на шпанските медиуми, денеска ставаат посебен акцент на тоа чие е семејството, кое „цел живот ќе го памети престојот во Албанија во негативен контекст“.

-Нападнатото семејство е на Еугенио Галдон (69), познат бизнисмен чиј имот се проценува на над 340 милони евра. Основач е на ОНО, поранешен шеф на кабинетот на екс претседателот Адолфго Суарез и поранешен сопственик на медумските групации Prisa или COPE. Тој заедно со четворица членови од неговото семејство со сопствена јахта пристигнале во Саранда а на 15 август, кога се случи инцидентот, ангажирал возило и двајца Албанци да ги прошетаат по јужниот дел од албанското крајбрежје, наведуваат медиумите.

Шпанците влегле во ресторанот „Панорама“ сопственост на Михаил Кокдима за да ручаат. Според нивниот исказ незадоволни од квалитетот на храната тие станале со намера да заминат, кога биле физички нападнати.

Според сопственикот, пак, тие немале трпение да почекаат малку додека се подготви нарачката.

-Сакаа да си заминат. Не можеле малку да почекаат а кој мене ќе ми го плати трошокот. Толку многу внимание му дадовте на овој настан како да станува збор за Бин Ладен, изјавил Кокдима пред судија.

Како што пренесоа медиумите, турстите и придружниците прво биле физички нападнати во ресторанот, кога му се пожалиле на лошиот квалитет на храната. Фрлал и тврди предмети со кои ја напукнал шофершајбната, па кога тие заминувале се фрлил врз хаубата на која, според видеото кое екслузивно го пренесе ТВ Рапорт, се гледа и крв. Јасно се гледа како се качил на хаубата на нивното комбе во движење и се обидува да се пресмета со нив преку искршената шофершајбна.

Возилото било забележано од припадници на специјалната единица за брза интервенција, кои со возило се движеле во тој регион, по што им притекнале на помош. Двајца од туристите добиле и потребна здравствена заштита.

Уште истот ден нив ги посети и министерот за туризам Бленди Кљоси, а премиерот Еди Рама го осуди однесувањето на сопственикот, кого го нарече варварин, кој ја засрамил целата нација, бидејќи го прекршил „светиот код на албанското гостопримство“.

Експресно реагираа и властите. Кокдима беше приведен, одредена му е мерка притвор а ресторанот е затворен.