Свет
3. March 2017 - 8:27

Тереза Меј: Приоритет е задржувањето на Шкотска во границите на Велика Британија

Британската премиерка Тереза Меј, денеска, на конгресот на шкотската Конзервативна партија планира да порача дека задржувањето на Шкотска како дел од Велика Британија го смета за еден од своите политички приоритети, пренесе ТАСС.

„Имено, својата прва посета како премиер ја имав тука, во Шкотска. Сакам јасно да подвлечам дека за мене, лично, приоритетна задача е зацврстувањето и поддржувањето на врските што ги имаме“, ќе наведе таа во својот говор на конгресот, цитиран од руската агенција. „Уверена сум во иднината на нашето Обединето кралство и оптимистички гледам кон се што можеме да постигнеме заедно како држава“, изјави Меј за Би-Би-Си Шкотска, најавувајќи дека истото ќе биде соопштено и на денешното обраќање.

Очекувањата се дека во својот говор  Меј ќе упати остри критики кон сепаратистичките стремежи на владеjачката Шкотска национална партија од Единбург, подвлекувајќи дека „политиката не е игра“.

Меј, за Би-Би-Си Шкотска одби да соопшти дали ќе одобри втор референдум во оваа земја.

Таа ќе каже дека како жртва на независноста биле принесени главните потреби на населението. Особено настрадани се шкотските училишта, кои веќе губат во сите категории не само од училиштата во Англија и Северна Ирска, туку и од училиштата во Полска и Естонија, се наведува во нејзиниот говор.