Тереза Меј им се извини на своите пратеници за изборниот неуспех | Сител Телевизија
Свет
13. јуни 2017 - 8:30

Тереза Меј им се извини на своите пратеници за изборниот неуспех

Британската премиерка Тереза Меј им се извини на пратениците од нејзината Конзервативна партија за „неприликите“ создадени со изборниот неуспех и за загубеното мнозинство во Парламентот.

- Јас ве вовлеков во овие неприлики и јас ќе ве извлечам од нив, изјави Меј на првата официјална средба на новиот владин Кабинет.

Пред министрите, од кои најголемиот број се истите од претходната нејзина влада, таа ја прифати вината и одговорноста за загубените 13 пратенички места, велејќи дека ќе остане на премиерската функција се додека тие сакаат таа да ја предводи британската Влада.

Ваквата изјава на Меј дека ќе остане премиер додека ја има подршката од министрите, е различна од изјавата што таа ја даде при промоцијата на новиот владин состав.

Тогаш Меј потсети на изјавите што ги даваше во текот на изборната кампањеа, дека доколку добие нов мандат, ќе остане на функцијата се додека тој не истече, а тоа значи во следните пет години.

Лондонските медиуми тврдат дека таа е изложена на притисок во својата партија да се повлече од премиерската функција, обвинувајќија ја за загубеното мнозинство, непотребните избори и за ослабнатата позиција на Владата пред преговорите со ЕУ.

Меј се соочува и со несогласувањето на дел од ториевците за соработка со северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), околу нејзината поддршка на малцинската конзервативна Влада во Парламентот.

Преговори за тоа се уште се водат и се очекува тие да потраат во следните неколку дена, односно до крајот на неделава, па поради нивното пролонгирање повеке отколку што се очекуваше, одложен е и говорот на кралицата, што го подготвува Владата и во кој се изнесуваат нејзината програма во следните 365 дена.

Опозицијата ја обвинува Тереза Меј дека Владата се наоѓа во „хаотична состојба“ за која нема излезно решение.

Лабуристите кои продолжуваат да тврдат дека се подготвени за нови избори, тврдат дека Меј мора да прифати оти изборните резултати покажувале дека Британците се исплашени од напуштањето на ЕУ и бараат од неа да се откаже од намерата за „тврд“ Брегзит.