Македонија
13. January 2016 - 16:39

Терапија за болните од карцином во сите поголеми општи болници

Болните од рак ќе добиваат терапија поблиску до местото на живеење. Онколошки лекови за пациентите ќе бидат обезбедени во сите општи болници низ државата. Постапката ќе ја контролираат лекари од Клиниката за Онкологија. Овој проект на министерството за здравство започна од тетовската болница. Годишно околу 1000 пациенти од цела Македонија нема потреба да доаѓаат во Скопје.

- Сто и дваесет од овие 1.000 пациенти треба да ја примат оваа терапија најмалку 18 пати во текот на годината. Ова значи дека над 7.000 посети помалку ќе има на Клиниката за онкологија по комплетното воведување на дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Исто така, освен хормонска и антихормонска терапија, во првата фаза ќе се аплицира и бисфосфонатна терапија наменета за сите пациенти со коскени метастази од било кое потекло и таргетирана терапија за пациентите со карцином на дојка и карцином на желудник, рече Никола Тодоров, министер за здравство.

На почеток во болниците ќе се дистрибуираат само таблети, а од септември и хемотерапија.

- Тоа е втората фаза на проектот, планираме да го доусовршиме овој концепт и да овозможиме дисперзирање и на хемотерапијата, односно на еднодневните хемотераписки режими. Идејата е тие да бидат подготвени на Клиниката за онкологија, со претходна он-лине потврда (во рамки на софтверот) за адекватни резултати од биохемиските анализи на пациентите. На овој начин, месечно би се давале над 200, можеби и 500 хемотерапии додека подолгите хемотераписки протоколи и понатаму ќе се аплицираат на Клиниката, истакна Тодоров.

Концептот на  дисперзирање на терапијата за малигни заболувања според министерот за здравство  се применува и добро развиен е во Велика Британија, Германија.