Балкан
21. јуни 2018 - 13:48

Теохаропулос: Договорот се движи во позитивна насока

Позитивно, но со проблематични делови, го оценува договорот од Преспа, лидерот на грчката партија Демократска левица, Танасис Теохаропулос, во интервју за грчката телевизија „Скај“.

- Договорот се движи во позитивна насока, има повеќе позитивни работи, на пример сложено име, уставна ревизија, прашањата за иредентизмот. Постојат и проблематични работи, како што се јазикот и државјанството, објасни Теохаропулос, лидерот на партијата што е дел од централно – левичарското Движење за промена заедно со Река и ПАСОК.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој вели дека она што е потребно е да има решение на проблемот.

- Јас сметам дека треба да се реши од страна на Скопје, јас не молам како Каменос да не помине на референдумот, да не помине никаде, за да се спаси Каменос, истакна Теохаропулос.

Откако Независни Грци континуирано го повторуваат нивниот став дека нема да го поддржат договорот, сите погледи се насочени кон Движењето на промена, дали нивните пратеници ќе гласаат за решението меѓу Македонија и Грција. А токму поради договорот, се појавија две различни струи во коалицијата.

- Постоеше еден позитивен факт дека голем временски период, имавме едногласни одлуки дека сакаме решение на македонското прашање, а не одолговлекување на проблемот, односно на линијата за сложено име, уставна ревизија и по логиката за правни обврзувачки гаранции за прашањата поврзани со иредентизмот. Сега, меѓу партиите, членовите постои различно толкување на резултатот од преговорите, нема сомнеж за тоа, вели Теохаропулос за „Скај“, пренесе МИА.

Лидерот на Демократска левица вели дека од моментот кога Независни Грци се против договорот,  владата наместо да бара гласање доверба, ќе треба да распише избори, затоа што не може „Независни Грци да излезат од врата, а да влезат преку прозор“.

- Ципрас ќе треба да се обврзе дека штом ќе се изгласа договорот, но меѓу коалиционите партнери не постои договор за едно такво прашање, земјата да оди на избори, порача Теохаропулос потенцирајќи дека нема шанси тие да го заменат Каменос во владата.