Балкан
28. September 2016 - 12:35

Тензии на грчките острови поради зголемениот број бегалци и мигранти

Жителите на грчкиот остров Хиос денеска планираат да одржат протест со барање да се спроведат итни мерки за да се намали бројот на мигранти на островот.

Заедно со другите острови во источниот дел на Егејското Море, Хиос води тешка битка за да се справи со зголемувањето на бројот на мигранти и бегалци, информира „Катимерини“. Вкупниот број на бегалци и мигранти заглавени на островите во источниот дел на Егејското море денеска изнесува 13.863 луѓе.

На протестот, според организаторите, ќе се внимава да не дојде до ескалација на ситуацијата како што се случи пред околу две седмици, кога полицијата мораше да употреби солзавец за да ги растера демонстрнтите.

Локалната заедница вчера до полицијата на Хиос испрати отворено писмо во кое истакнува дека пропорционално со зголемување на борјот на мигранти, се зголемил и криминалот на островот.

„Кражби од градини, магацини и домови во областите околу кампот Виал се секојдневна појава“, се вели во писмото и се додава дека во пораст се и поплаките од локалното население. Во исто време, нагласуваат жителите, расте и тензијата и лутината и меѓу мигрантите кои се заглавени на островот, и живеат во неизвесност.

Вработените во грчката и Европската служба за азил на Хиос вчера одржаа симболичен протест со блокирање на влезот на преполниот камп Виал, барајќи поголемо присуство на полицијата. Демонстрантите рекоа дека тие, заедно со мигрантите, секојдневно се соочуваат со ризик од насилство, особено кога барањата за азил се одбиени.

Во понеделникот, еден Авгнистанец си ги пресекол вените на зглобовите и бил пренесен во болница, откако неговото барање за азил било одбиено.

Тензии има и на островот Кос, каде што властите бараат итни мерки за намалување на бројот на мигрнати, затоа што во постоечката инфраструктура не можат да се сместат 1.813 лица, колку што во моментов има на островот. Негативното влијание врз економијата, исто така е големо, со оглед на тоа што бројот на туристи е намален за 15 проценти.

Во меѓувреме, на Лезбос, четири малолетни бегалци денеска треба да бидат изведени пред обвинител, за групно силување на тинејџерка во кампот Мориа минатата недела. Девојката била однесена во локалната болница, каде по лекарскиот преглед било потврдено дека била силувана.