Македонија
24. March 2019 - 16:14

Темпото на работа на двете комисии, со Грција и со Бугарија не е исто за да има нови учебници

Ќе учат ли македонските ученици нова историја од септември? По средбата на македонско грчкиот комитет за историски, археолошки и образовни прашања, шефот на грчкиот тим Маркос Боларис најави забрзана динамика на работа, со цел новата школска година во земјава да почне со нови учебници по историја и географија за основното образование.

Трите барања на грчката страна се наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчките симболи, како и отстранување на картите на голема Македонија.

На вториот заедничкиот состанок во Скопје одржан во изминатите два дена, фокусот беше ставен токму на овие прашања. Во разговор за ТВ Сител, предводникот на македонскиот тим Виктор Габер не откри информации за тоа дали е постигнат некаков договор со грчката страна, но најави повеќе детали за утре.

Од македонското Министерство за надворешни работи по средбата соопштија дека делегациите на заедничкиот Комитет имале суштинска дебата и усвоиле интензивен работен план за постигнувањето на заеднички прифатените решенија, врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.

Работејќи во колегијална и конструктивна атмосфера, двете делегации особено внимание посветија на прашањето за наставните програми и учебниците што се во употреба и договорија нивно усогласување согласно духот и словото на Преспанскиот договор. На Вториот состанок е потврдена одлучната заложба на членовите на Заедничкиот комитет, новите генерации во двете земји и во регионот да се едуцираат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка, се наведува во соопштението на македонското МНР.

Паралелно со македонско – грчкиот комитет, на прецизирање на историјата работи и Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија. Шефот на македонскиот тим Драги Ѓоргиев потврди дека двете комисии одржуваат редовна комуникација, со цел да не дојде до судир во наодите. Георгиев скептичен дека до септември, ќе биде усогласена историјата на Македонија со Бугарија и со Грција, за да може таа да се најде во новите учебници од септември.

И од македонско - грчката и од македонско - бугарската комисија децидни - ниту ќе се брише, ниту ќе се пишува нова историја. Во заедничката работа, уверуваат, ќе се почитува меѓународната пракса, а новата адаптирана содржина ќе биде во функција на зближување на народите.

Следниот состанок на македонско – грчкиот Комитет ќе биде одржан во Атина на 12 и 13 април, додека македонските и бугарските историчари исто така најавија нова средба во почетокот на наредниот месец.